Владата воведе четврто затворање на национално ниво во ноември и најави дека вакцинацијата ќе биде задолжителна за сите Австријци

Илјадници луѓе протестираа во Виена против планот на Владата да воведе задолжителна вакцинација против ковид-19 следниот месец, пренесуваат тамошните медиуми.
„Владата мора да падне“ – скандираа демонстрантите на протестот кој веќе е вообичаен настан во центарот на Виена речиси секоја сабота, пренесува „Ројтерс“.
Парламентот следната недела треба да гласа за прашањето што ги подели граѓаните, бидејќи расте бројот на заразени со коронавирус.
Владата воведе четврто затворање на национално ниво во ноември и најави дека вакцинацијата ќе биде задолжителна за сите Австријци. Австрија е првата земја од ЕУ што донесе ваква одлука.
Анкетата што ја спроведе магазинот „Профил“ покажува дека 51 отсто од испитаниците се против задолжителната вакцинација од февруари, од кои 34 отсто се против задолжителната вакцинација воопшто, а 17 отсто сакаат да се почека по тоа прашање.
Истражувањето покажа и дека 45 отсто од Австријците се за задолжителна вакцинација од февруари.