Димитров останува на ставот дека конечното решение со Бугарија мора да оди на одобрување во Собранието и како причина ја наведува Декларацијата за македонските позиции усвоена од пратениците, како и тоа што и бугарската страна ќе го оди истиот пат – преку нивниот парламент. Тоа, според вицепремиерот, е уште еден филтер и можност за зголемена доверба во евентуалното решение
Откако на прес-конференција во средата вицепремиерот во заминување, Никола Димитров, кажа дека нема доверба во шефот на дипломатијата Бујар Османи во однос на градењето на ставовите во преговорите со Бугарија, вечерва во емисијата 360° на Алсат ТВ тој рече дека тоа го темели на две работи: лично сведоштво од состаноците за координација и од информации добиени од министри и амбасадори на земји членки на ЕУ.
„Мојата проценка се темели на лично сведоштво на искажани ставови и во рамките на внатрешната координација, а и на информации што ги добивам од министри и амбасадори на земји членки на ЕУ. Мислам дека ќе биде нечесно ако во името на некакви колегијални односи за толку крупно прашање, јас мојата проценка не ја споделам јавно, во ситуација кога нема да бидам таму за да можам самиот да го носам тоа гајле, бидејќи работата на интерна координација кога ќе дојде во таа мера кулминирачка за човек за да обезбеди тоа што мисли дека е преважно да каже: ’луѓе ако сакате да одите вон ова ќе мора да одите без мене, не можам да бидам дел од ова, додека сум јас на оваа маса за ова не може да се разговара‘. Оттаму ми се мене елементите и оценката. Настапите во јавноста се една работа, тоа што се случува зад сцената е друга работа. Меѓу другото, тој и во јавност имаше изјава кога кажа мислам дека Бугарија веќе не оди кон идентитетските прашања, а приговорот на Бугарија кон македонскиот јазик во преговарачката рамка до ден денес, за жал, не е симнат. Нема јасен сигнал од таа страна дека се свесни дека без таа работа нема договор“,
рече Димитров.
Вицепремиерот вели дека целта не му е да го нападне или политички да му наштети на Османи, туку да ја предупреди македонската јавноста дека гајлето „ќе мора да се бере“. Сепак, потенцира дека треба да се биде фер и да се даде шанса на новата владата и новиот премиер.
„Реално, треба да бидам фер, да дадеме шанса. Ќе имаме нов премиер, ќе видиме како тој ќе се постави. Го поздравувам тоа што кажа дека ќе ги следи линиите поставени од Декларацијата за македонските позиции усвоена во Собранието. Истовремено, ги повикувам да имаат владин став за тоа дали евентуалното решение ќе оди во Собранието на одобрување, бидејќи токму Бујар Османи кажа дека не мисли дека е добро решението да оди во Собранието. Дури и само таа изјава мене ми е доволна и ми прави еден прашалник и бара посебна внимателност“,
рече Димитров.
Во врска со нападите на неговата изјава дека нема доверба во шефот на дипломатијата, вицепремиерот вели дека еден од посебно бизарните бил дека тоа го рекол затоа што Османи е етнички Албанец.
„Тоа, прво, никаде го немам кажано, ниту има врска со реалноста. Ќе биде погубно за нашата заедничка куќа ако Македонците не се грижат за албанските интереси и ако Албанците не се грижат за македонските интереси. Ако беше предмет на предизвик албанскиот јазик, јас ќе го бранев со иста страст како што го бранам и македонскиот јазик. Меѓу другото, јас споменав дека несогласувања на таа страна беше и Владо Бучковски којшто во последно време не беше дел од овие координации, меѓутоа во извесен период беше. Јас колку што знам тој е Македонец“,
рече Димитров.
Тој останува на ставот дека конечното решение со Бугарија мора да оди на одобрување во Собранието, а на коментарот дека ваквиот негов став е во сптротивност со однесувањето од лани кога со Османи не се појавија во парламентот да реферираат како течат преговорите со Софија на барање на Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, тој вели дека тогаш немало решение за да се појават пред пратениците.
„Ние тогаш немавме решение. Со што ќе одевме кај Милошоски чија единствена цел е деструкција на сè што е можно, вклучувајќи го и овој процес, каква што беше неговата улога и во преспанскиот процес. Со што ќе одевме“,
рече Димитров.
На прашањето – ако веќе смета дека опозицијата е деструктивна, тогаш што очекува од Собранието, Димитров одговори дека во парламентот не седи само опозицијата и не цела опозиција е Антонио Милошоски.
„Убаво ќе биде овие прашања да се разговараат, бидејќи се преважни. Ако имаме намера целосно да ја следиме линијата на Декларацијата и ако со мирна совест сме на јасно сами со себе дека решението е во тие рамки, зошто тогаш тоа да не оди во Собранието“,
вели Димитров.
Тој додава и дека евентуалното решение со Бугарија треба да оди во Собранието не само поради фактот што пратениците изгласаа Декларација туку и поради тоа што бугарската страна ќе оди по тој пат – преку нивниот парламент. Тоа, вели Димитров, додава еден филтер и можност за транспарентност и зголемена доверба во решението.