Во меѓународната акција за спречување на шверц на кокаин, покрај македонската полиција, биле вклучени и истражните органи на Италија, Црна Гора и Босна и Херцеговина (БиХ), а откриени се вкупно 1,2 тони кокаин.
Кокаинот, во вредност од околу 50 милиони евра, во најголем дел требало да заврши во БиХ, објави босанскиот весник „Независне новине“.
Според сознанијата на овој медиум, дрогата спакувана во неколку контејнери била запленета на пристаниште во Италија. Италијанската полиција од контејнерите извадила 970 пакети кокаин кои заедно тежеле 1 128 килограми (1,2 тони). Кога ја откриле, Италијанците ја заплениле дрогата и испратиле пратка во која оставиле само околу еден килограм дрога запакувана со систем за следење.
Како што пишува „Независне новине“, пратката понатаму продолжила по планираната рута, стигнала во Бар, Црна Гора, каде за да ги подигнат пакетите пристигнале вкупно шест камиони, четири од Северна Македонија и два од БиХ. Камионите ги земале контејнерите и тргнале назад, незнаејќи дека, всушност, превезуваат само еден килограм кокаин кој го следат.
Државната агенција за истраги и заштита во БиХ потврдила дека учествувала во меѓународната акција и дека уапсила вкупно две лица.
Што кажа министерот Чулев за акцијата?
Во четвртокот кај нас прес-конференција одржа министерот Наќе Чулев откако претходниот ден во селото Крушопек во Општина Сарај беше запленет еден килограм кокаин.
Иако во медиумите тогаш се појавија информации дека вкупната запленета пратка била од еден тон до еден тон и 300 килограми, министерот не одговори на прашањето за колкава количина се работи. Рече дека кај нас е запленет еден килограм и дека останатата количина е во друга земја, но не кажа во која, “во интерес на истрагата”.
За самата акција кажа дека е резултат на меѓународна полициска соработка за прекин на меѓународен канал на шверц со дрога од Колумбија.
На заплената ѝ претходела акција која траела од 17 до 19 февруари во која биле вклучени МВР, Царината и Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Во земјава кокаинот влегол преку граничниот премин „Ќафасан“, во камион кој носел банани. Камионот го возел црногорски државјанин. Акцијата добила завршница кога камионот со пакетите банани пристигнал во магацинот на фирмата „Банекс компани“ ДООЕЛ во Крушопек, која според Чулев била крајниот примател. Во рамки на акцијата, МВР тогаш ги уапси сопственикот на фирмата, возачот на камионот, синот на сопственикот и еден од работниците.
Петровска вели дека Италијанците му реагирале на Чулев за пробивање на акцијата
Дополнителната заменик-министерка во МВР, Славјанка Петровска, синоќа го прозва Чулев за пробивање на акцијата.
Во нејзиното гостување во емисијата „360 степени“, таа рече дека министерот добил предупредување од италијанските власти дека издавањето информации во јавноста за акција што е во тек е крајно несоодветно.
„Со издавање на информациите однапред и соопштување дека станува збор за огромна акција од страна на министерот Чулев, се информирани и структури што не треба да бидат информирани во тој момент дека во нашата земја се одвива акција“,
вели Петровска.
Според неа, најголеми последици за акцијата имало во Босна и Херцеговина, каде исто како и во земјава, била следена контролирана пратка на кокаин.
„И на крај, бидејќи акцијата е пробиена, не е постигнат посакуваниот ефект ододносно она што италијанските власти очекувале дека ќе се случи“,
вели дополнителната заменик-министерка во МВР.