Песков нагласи дека воведувањето санкции кон Путин ќе значи и прекин на односите меѓу Москва и Вашингтон

Кремљ денеска ги оцени како неуспешни досегашните преговори помеѓу Русија, САД и НАТО и соопшти дека има несогласувања за неколку клучни прашања.
Портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков, истакна дека Москва негативно гледа на законот за санкции на Русија, кој го претставиле американските демократски сенатори и дека тоа се интерпретира како обид за притисок врз Москва.
Песков рече дека двата круга преговори меѓу Русија и Западот оваа недела довеле до „позитивни нијанси“, но Москва бара конкретни резултати.
Разговорите што се преселија во Виена на состанокот на Организацијата за европска безбедност и соработка се однесуваат на низа безбедносни барања кои Москва му ги постави на Западот.
Предложениот закон за санкции, кој ја има поддршката од Белата куќа, би се однесувал на највисоките руски владини и воени функционери, вклучувајќи го и самиот претседател Владимир Путин, како и клучни банкарски институции во случај Москва да ја нападне Украина.
Песков нагласи дека воведувањето на санкции кон Путин ќе значи и прекин на односите меѓу Москва и Вашингтон.
„На појавувањето на такви документи и изјави гледаме строго негативно, додека во заднина се одвиваат преговори, иако неуспешни“,
изјави Песков за новинарите.
Русија ги загрижи Киев и Западот со распоредувањето на голем број војници во близина на границата со Украина и стравуваат дека се подготвува напад.
Москва тоа го негира и тврди дека има право да распоредува сили на своја територија кога и како таа ќе посака.
Москва бара безбедносно засолниште од Западот, како и ветување од НАТО дека Украина нема да стане дел од Алијансата и дека тие ќе ги повлечат трупите од поранешните комунистички земји од источна и средна Европа кои станаа дел од НАТО по Студената војна.
САД ги отфрли барањата како неприфатливи, но Вашингтон и НАТО рекоа дека имаат волја за разговор со Русија околу контрола на вооружувањето, распоредувањето на проектили и мерките за изградба на меѓусебна доверба.