Пријавени се и 53 нови смртни случаи, а Нов Јужен Велс го доживеа најсмртоносниот ден од почетокот на пандемијата со 22 починати лица

Австралија денеска извести за најголем број на позитивни случаи уште од почетокот на ковид-пандемијата. Ширењето на сојот омикрон ја зголеми и хоспитализацијата во земјата. Откако досега успешно се бореше со вирусот, Австралија пријави речиси милион позитивни случаи во последните две недели, додека луѓето се приспособуваат на живот со ковид-19 со помали ограничувања.
Вкупниот број на откриени инфекции од почетокот на пандемијата се приближи на 1,4 милиони случаи. Повеќе од 147 000 позитивни случаи на ковид-19 се регистрирани во Австралија денеска, со околу 92 000 новозаразени во најнаселената држава Нов Јужен Велс.
Бројките на нови болнички приеми и пациенти кои се на интензивна нега исто така се најголеми од почетокот на пандемијата, но властите велат дека здравствените системи можат да се изборат со сè поголемиот број на случаи.
Пријавени се и 53 нови смртни случаи, а Нов Јужен Велс го доживеа најсмртоносниот ден од пандемијата со 22 починати лица.
Но, смртноста од бранот омикрон е пониска во однос на претходните бранови на ковид во Австралија, каде што повеќе од 92 отсто од населението над 16 години е вакцинирано со две дози, а расте и бројот на оние кои примаат трета засилувачка доза.