Вчера беа регистрирани 14 000 нови заразени и 22 починати како последица на ковид
Поради големиот пораст на бројот на заразени со коронавирус од почетокот на годинава многу културни настани во Србија се одложуваат или откажуваат.
Меѓународниот филмски и музички фестивал „Кустендорф 2022“, закажан за 22 јануари, е одложен за мај поради, како што е наведено, последното зголемување на бројот на заразени со ковид-19 и неговата многу позаразна варијанта омикрон .
Неделава што изминува откажани се сите претстави во Народниот театар, како и во „Ателје 212“, а одложено е гостувањето на Народниот театар од Ужице планирано за 17 јануари.
Откажано е и гостувањето на Романската национална опера од Темишвар поради влошената епидемиолошка состојба во Романија и заострувањето на мерките на нивната влада, како и голем број заразени членови.
Откажани се и концерти во рамки на манифестацијата „Нови Сад – европска престолнина на културата“, а сите програми на свеченото отворање се приспособени на епидемиолошки мерки, со ограничен капацитет.
Првата мерка е да се одложат 60 отсто од концертите, додека зајакнати контролни мерки ќе има на концертите што ќе се реализираат и тоа со капацитет до 50 отсто, а кај некои ќе бидат помали. Заедно со влезницата ќе биде потребно посетителите да достават зелен сертификат или тест за антигенски тест не постар од 48 часа или ПЦР-тест не постар од 72 часа. Неопходно е носење маски и одржување дистанца на настанот.
Во Србија вчера беа регистрирани речиси 14 000 новозаразени.