Бугарскиот премиер порачува дека нема Бугарин кому му се допаѓаат рестриктивните мерки, но справувањето со кризата преку мерки е важно за да се подигне нивото на вакцинацијата и што помалку граѓани да завршат на одделите за интензивна нега. Ковид-сертификатот, против кој протестираат демонстрантите, рече бугарскиот премиер, е воведен за да се избегне затворање на економија
Откако демонстранти се обидоа да влезат во парламентот на Бугарија за време на денешните тензични протести против ковид-сертификатите, бугарскиот премиер Кирил Петков порача дека е спремен да излезе пред нив и да разговара, но за жал во моментов тоа е невозможно затоа што се наоѓа во карантин.

„Многу ми е жал што сум во карантин инаку би излегол на плоштадот за да разговарам директно со луѓето. Сум бил на повеќе од еден или два протести и ја почитувам формата на протест, за мене тоа е многу важно“,
рече Петков, пренесува Нова.бг.
Тој рече дека в петок, кога ќе излезе од карантин, со оглед дека изолацијата му трае пократко бидејќи примил трета доза вакцина, е спремен да разговара со претставници на демонстрантите, но не за тоа дали постои ковид туку за предлози како подобро да се справат со кризата.
„Ако имаат конструктивни предлози како подобро да се менаџира кризата, би ги слушнал мислењата“,
рече Петков.
Тој во телевизиското интервју порачува дека нема Бугарин кому му се допаѓаат рестриктивните мерки, но справувањето со кризата преку мерки е важно за да се подигне нивото на вакцинацијата и што помалку граѓани да завршат на одделите за интензивна нега. Ковид-сертификатот, против кој протестираат демонстрантите, рече бугарскиот премиер, е воведен за да се избегне затворање на економија.
На протестите кои ескалираа и има повредени и приведени, посочува тој, има луѓе кои се таму само затоа што очекуваат да има нереди.
„Ги игнорирам таквите луѓе. За мене е важно да ги слушнам ставовите на луѓето што сакаат да ги кажат своите мислења. Жал ми е што има повредени и од демонстрантите и од полицајците. На ниту една страна не треба да има повредени“,
кажа Петков.