Сметките за електрична енергија се зголемени за повеќе од петпати, се пожалија градоначалниците
На состанокот на ЗЕЛС, според информациите на градоначалниците, нема општина која не се соочува со проблеми поради енергетската криза. Сметките за електрична енергија се зголемени за повеќе од петпати, поради што тие преку ЗЕЛС побараа помош од Владата, бидејќи не можат самостојно да се справат со овој проблем.
Гевгелија, Ѓорче Петров, Чаир, Куманово, Велес…
Од Општина Гевгелија велат дека ако просекот на сметките за електрична енергија бил околу 400 илјади, сега е 2,9 милиони денари. Во Ѓорче Петров, пак, во просек сметките за електрична енергија биле околу 700 илјади, а сега е 3,3 милиони денари, а општината е презадолжена и е соочена со проблеми со ликвидноста. Градоначалникот Александар Стојкоски вели дека доколку продолжи со овој интензитет општината ќе има проблем со ликвидноста.
Тој на седницата на ЗЕЛС предложил Владата да ја субвенционира разликата како модел кој би бил најбрзо применлив во делот на финансиска помош на општините, а во меѓувреме, исто така, предложи поставување на фотоволтаици на сите јавни објекти во општината и дополнително измени на законската регулатива.

„Се надеваме на брза реакција на Владата со што не би биле дополнително загрозени и ќе излезат во пресрет на потребите на сите граѓани“,
рече Стојкоски.
Во општина Чаир, пак, сметките за електрична енергија се значително зголемени, но проблемот за парното е најалармантен во овој момент. Градоначалникот Висар Ганиу смета дека не е проблем долгот на општина Чаир, кој се исплаќа на рати за загревањето на училиштата, туку поголем проблем претставува исклучувањето од топловодната мрежа на граѓаните и тоа е сериозен предизвик бидејќи 25 отсто, според информациите, се откажале од парното. Трошоците за електричната енергија се зголемени од 500 илјади на 1,4 милион денари, а во најголемиот дел од институциите во општината зголемувањето е над 3 проценти.

„Сите ставови на градоначалниците во ЗЕЛС се исти, бараме состанок со Владата и да ни помогне. Само како компарација на последниот месец и сега, плативме приближно 500 илјади денари за осветлување, а овој месец е 1.400.000 денари. Сметките се драстични и ова ќе биде голем товар за сите општини“,
рече Ганиу.
Во општина Валандово, во моментов не е раскинат договорот за набавка на електрична енергија, нов договор треба да се склучи во февруари, но зголемување на цените ќе го оптовари буџетот.
Општина Куманово, пак, покрај проблемите со зголемените трошоци за електрична енергија, има проблем и со зголемување на цена на гасот од 25 на 80 денари на метар кубен, што ќе го загрози снабдувањето на училиштата и градинките, а ќе го стави во нерентабилност и јавното претпријатие кое снабдува со гас.
Исти се проблемите и во општините Охрид, Струмица, Велес.
Во Струмица, според градоначалникот Костадин Костадинов, трошоците за струја кои биле седум милиони денари, а сега се 25 милиони денари и побара Владата треба да обезбеди средства за капитални инвестиции за алтернативни извори на енергија.
Градоначалникот на Велес, Марко Колев, посочи на сериозни проблеми во уредување на градежно земјиште и се лимитирани со приходи и буџет, при што нема дополнителни можности за финансирање за да ги покрие трошоците. Споредбено во октомври 2020 трошоците за струја во оваа Општина биле 1,4 милиони, додека во октомври 2021 година се драстично зголемени на 6,6 милиони денари.