Главниот медицински советник на Белата куќа, Ентони Фаучи, во декември рече дека нема потреба од трета засилувачка доза која посебно ќе штити од омикрон

Извршниот директор на компанијата „Фајзер“, Алберт Бурла, изјави дека компанијата подготвува вакцина специјализирана само за сојот омикрон, а која ќе биде подготвена во март, како и тоа дека тие веќе започнале со производство на првите дози.
„Оваа вакцина ќе биде подготвена во март“,
изјави Бурла за Си-ен-би-си.
Според Бурла, вакцината исто така ќе дејствува и врз другите варијанти на вирусот. Сепак, Бурла изјавил и дека се уште не е јасно дали вакцината ќе биде неопходна и како ќе се користи, но дека тие ќе имаат подготвени дози доколку некоја земја побара да им бидат испорачани овие вакцини.
„Се надеваме дека ќе постигнеме нешто што ќе понуди многу подобра заштита, посебно од заразување, бидејќи заштитата од хоспитализација и тежок облик на болеста и сега е силна“,
изјави Бурла.
Заштита од инфекција
Истражувања во Велика Британија покажаа дека вакцините на „Фајзер“ и „Модерна“ се ефикасни само околу 10 проценти во спречувањето на симптоматската инфекција на омикрон 20 недели по втората доза. Меѓутоа, две дози и натаму даваат добра заштита од тешка болест, покажало истражувањето на британските здравствени агенции.
Засилувачките дози, пак, имаат ефикасност до 75 отсто во спречувањето на симптоматските инфекции, се вели во истражувањето.
Главниот медицински советник на Белата куќа, Ентони Фаучи, во декември рече дека нема потреба од трета засилувачка доза која посебно ќе штити од омикрон, бидејќи моменталните засилувачки дози добро дејствуваат против овие варијанти.