Доколку се докаже дека имало неправилности, односно дека Новак лажел, тогаш светскиот ас број еден би можел да биде депортиран и да добие забрана за влез во Австралија на неколку години

Проблемите за српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ во Австралија продолжуваат. Според последните информации, Србинот се соочува со обвиненија дека лажел при пополнувањето на документите за добивање виза за влез во Австралија, односно дека се изјаснил оти никаде не патувал 14 дена пред да влезе во земјата.
Документот, каде што Ѓоковиќ на прашањето дали патувал во последните две недели го одбрал одговорот „не“, го објави американскиот новинар Бен Ротенберг.
Се шпекулира дека Новак се подготвувал и имал тренинзи во Шпанија пред да пристигне во Мелбурн, поради што повторно неговиот настап на Австралија опен е под знак прашалник, без разлика што Судот му ја уважи жалбата и тој почна да тренира.
Доколку се докаже дека имало неправилности, односно дека Новак лажел, тогаш светскиот ас број еден би можел да биде депортиран и да добие забрана за влез во Австралија на неколку години.
Истрагата за ова е веќе започната и конечниот збор ќе го има министерот за имиграции Алекс Хок.