Новата влада ќе биде високо продуктивна во работењето, посветена на економските предизвици, како и на зајакнување на животниот стандард на граѓаните. Поставуваме навистина високи цели, но сигурен сум дека со многу работа и труд можеме да ги реализираме, порача Ковачевски синоќа по седниците на ИО и ЦО на СДСМ
Мандатарот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски денеска до Собранието треба да ги поднесе предлогот за состав на владата, како и владината програма, откако по синоќешните седници на Извршниот и Централниот одбор на СДСМ ги објави имињата на членовите на владиниот кабинет.
За вицепремиер за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси е предложена Славица Грковска, поранешна пратеничка на СДСМ, за вицепремиер задолжен за економски прашања координација на економските ресори и инвестиции – актуелниот Фатмир Битиќи, за вицепремиер за европски прашања е предложен Бојан Маричиќ, досегашен министер за правда.
За министер за одбрана е предложена Славјанка Петровска, пратеничка во СДСМ, поранешен заменик министер за внатрешни работи во техничката влада, за министер за внатрешни работи – актуелниот Оливер Сапсовски, за министер за правда проф. д-р Никола Тупанчевски од Правниот факултет во Скопје, за министер за земјоделство Љупчо Николовски, кој и порано раководеше со овој ресор.
За министер за труд и социјална политика – Јована Тренчевска, директорка на Државниот инспекторат за труд, за министер за култура Бисера Костадинова-Стојчевска, актуелна пратеничка на СДСМ и претходно професор на Педагошкиот факултет при Универзитетот во Битола. За министер за транспорт и врски е предложен актуелниот Благој Бочварски.
Од сите нив Ковачевски, како што рече, очекува максимално посветена работа во интерес на граѓаните и остварување на ветеното.
„Нашата цел да составиме стабилна Влада, со јасни принципи на дејствување во интерес на граѓаните и државата е исполнета. Задоволен сум како течеше целиот процес, во позитивна и конструктивна атмосфера, посветени на одговорноста за подобра иднина на сите наши граѓани“,
рече Ковачевски, најавувајќи дека примарен фокус во следните месеци ќе биде ставен на силен одговор на глобалната енергетска криза која се надоврза на веќе тешката економска состојба предизвикана од ковид-пандемијата.
Ковачевски, по добивањето на мандатот од шефот на државата, изјави дека планира владата да ја предложи околу 10-11 јануари, односно во пократок рок од уставно предвидениот.
Тој мандатот од претседателот Стево Пендаровски го доби на 29 декември откако шефот на државата од СДСМ беше известен за предлог за мандатар, поддржан од политичките партии кои заедно имаат мнозинството во Собранието. По приемот на мандатот, мандатарот во рок од 20 дена, значи не подоцна од 20-от ден треба да излезе пред Собранието со предлог персонален состав на новата влада и програма за работа на владата.