Токаев нагласи дека антитерористичката операција наскоро ќе заврши и додаде дека имало „обид за државен удар“ со планирани и координирани напади врз регионалните владини центри, безбедносните сили и затворите
Заканите по безбедноста се избегнати и повторно е воспоставен ред во земјата, изјави денеска претседателот на Казахстан, Касим-Жомарт Токаев, на состанокот на безбедносниот сојуз предводен од Русија, откако во земјата се случија насилни немири во кои загинаа повеќе од 160 луѓе, а илјадници беа приведени.
„Редот е целосно воспоставен во Казахстан. Заканите за безбедноста на земјата се избегнати“,
истакна Токаев на видеосостанокот на Организацијата на Договорот за заедничка безбедност (ЦСТО), асоцијација во која се вклучени Русија, Ерменија, Казахстан, Киргистан, Таџикистан и Узбекистан.
ЦСТО, како и НАТО, има член во договорот кој предвидува дека нападот врз една членка е напад врз сите членки.
Токаев нагласи дека антитерористичката операција наскоро ќе заврши, додавајќи дека имало „обид за државен удар“ со планирани и координирани напади врз регионалните владини центри, безбедносните сили и затворите.
Рускиот претседател Владимир Путин, пак, на состанокот на ЦСТО изјави дека немирите во Казахстан не се предизвикани од незадоволство од цените на горивото, туку од „деструктивни сили однадвор кои ја искористуваат ситуацијата“.
Казахстан, земја која граничи со Русија и Кина и голем производител на нафта и гас, веќе една недела е погодена од немири по одржувањето на антивладините протести поради поскапувањето на горивото. Покрај мирните протести, имаше и насилни собири, особено во најголемиот град Алмати.
Притоа, претседателот Токаев прогласи вонредна состојба, ја распушти владата и и нареди на армијата да употреби оружје без предупредување врз демонстрантите кои ги нарече вооружени банди.
Во немирите загинаа повеќе од 160 лица, повредени се над 2 000 луѓе, а речиси 8 000 се приведени.
Во Казахстан денеска е прогласен ден на жалост.