По празничните дружби и групирањата, бројот на заболени од ковид-19 во Битола ескалира, рече денеска битолскиот градоначалник Тони Коњановски по завршување на состанокот на општинскиот кризен штаб и апелираше да се почитуваат мерките за заштита.
„Имаме ескалација на бројот на заболени. Бројот од стотина нови случаи на неделно ниво, после новогодишните празници и после сите оние дружења во градот, се зголемува на 600 неделно. Бројот на хоспитализирани е стабилен, 17 хоспитализирани, но има многу прегледи во ковид-амбулантата. Апелирам граѓаните да ги почитуваат мерките, да намалиме колку што е можно со дружењето во овие празници кои сè уште ни претстојат. Оние што не се вакцинирани да поитаат да се вакцинираат, бидејќи тоа е единствена превентивна мерка“,
рече Коњановски.
На прашањето дали се опција рестриктивни мерки за стопирање на ширењето на вирусот, Коњановски рече дека утре ќе заседава Комисијата за заразни болести. Сепак, засега вели дека во најава е само кратење на периодот на изолација бидејќи, како што рече, новиот сој на вирусот се шири многу брзо, но пократок е периодот на инкубација.
„Бројот на хоспитализации не е голем, но голем е бројот на амбулантснките прегледи. Капацитет во болницата има, се надеваме нема да дојде до ескалација“,
рече Коњановски.