Четириесет илјади луѓе протестираа во Виена во саботата против владините мерки против ковид-19, вклучително и плановите за задолжителна вакцинација, а неколку германски града се соочија со демонстрации
Австриската полиција соопшти дека протестот во главниот град на земјата бил главно мирен. Меѓутоа, во одреден момент полицијата морала да го запре протестниот марш бидејќи некои демонстранти се обиделе да ја пробијат полициската бариера, при што биле уапсени неколкумина.
Вакцинацијата треба да стане задолжителна во Австрија следниот месец.
Неколку илјади луѓе демонстрираа и низ германските градови, вклучувајќи ги Хамбург, Магдебург, Фрајбург и Регенсбург.
Најголемиот протест се одржа во Хамбург, на кој присуствуваа околу 16 000 луѓе, соопшти полицијата. Собирот се одржа под слоганот „Доста е! Подалеку рацете од нашите деца“.
Организаторите повикаа да се носат маски и да се држи растојание, што многумина не го почитуваа. Еден учесник ја носеше Давидовата ѕвезда со натпис „невакциниран“.
Во Берлин се одржаа демонстрации во форма на конвои од автомобили и велосипеди. Полицијата соопшти дека имало повеќе од 100 возила, околу 70 велосипедисти и вкупно околу 200 луѓе.
Иако саботните протести поминаа мирно, некои од демонстрациите одржани во последните недели во Германија се претворија во судири со полицијата.
Германскиот министер за здравство Карл Лаутербах во весникот „Велт ам зонтаг“ истакна дека аргументите на противниците на вакцините и оние што негираат дека постои ковид изгубиле секаква мера.