Новиот сој B.1.640.2 е откриен на почетокот на декември кај лице што се вратило од Камерун во Марсеј. Во моментов 12 лица на југот на Франција се заразени со оваа варијанта на коронавирусот.
Иако овој вирус сè уште не е познат, се знае дека е позначајна мутација од сојот омикрон. Во омикрон има 37 мутации во генскиот материјал од првичната варијанта на вирусот, а новиот вид има дури 46 мутации.
Познато е дека полесно и побрзо се пренесува од сите други варијанти на коронавирусот, пренесува Дојче веле.
Меѓутоа, бидејќи засега се заразени мал број луѓе, не е можно да се утврди колку овој сој е опасен. Исто така, не е познато дали овој вид потекнува од Камерун, но експертите сметаат дека тоа најверојатно се должи на фактот што мал број луѓе се вакцинирани во оваа африканска земја.
Да потсетиме, покрај омикрон и сѐ уште неименуваниот сој што се појави во Франција, на почетокот на јануари се појави уште еден сој на коронавирусот – флурона. Оваа варијанта е мешавина од два вида вируса – корона и грип.
Израел е првата земја во светот која забележа присуство на флурона, или „двојна инфекција“. Лекарските извештаи наведуваат дека се работи за трудница која превентивно била хоспитализирана, но со исклучително благи симптоми.
Инфекција со флурона беше забележана и во Македонија, кај тројца пациенти од Скопје кај кои истовремено беше детектирана комбинација од двата вируса Influenza A i SARS CoV 2.
Како што наведуваат некои експерти, симптомите на флурона се исти како оние на коронавирусот и вирусот на грип. Оние што имаат висока температура, губење на мирис или вкус, постојана кашлица, болки во грлото, главоболка и течење на носот мора веднаш да одат на лекар и да се тестираат за ковид.