Хрватска воведува нови ограничувања поради ширењето на новиот сој на коронавирусот наречен омикрон, кои ќе стапат во сила од понеделник.
Јавните собири на отворено за повеќе од 50 лица се забранети, а собири со дигитални сертификати на ЕУ веќе нема да бидат можни со неограничен број луѓе, но горната граница ќе биде 200.
„Приватните веселби ги ограничуваме на 20, а не на 30 како досега. Исклучок се приватните церемонии со ковид-сертификати, таму може да има и до 50 лица“,
изјави шефот на кризниот штаб Давор Божиновиќ.
Тој најави и засилена контрола на кафулињата и рестораните.
„Што се однесува до угостителите, повеќе ќе се контролира состојбата во објектите и почитувањето на мерките. Бројот на гледачи на спортските натпревари е ограничен. Што се однесува до затворените спортски објекти, дозволено е полнење на 20 отсто од трибините. На отворено, таа бројка е 40 проценти“,
рече Божиновиќ.
Маските, вели тој, ќе бидат задолжителни во црквите, кината, музеите и слични објекти.
„Исто така, употребата на медицински маски ќе биде засилена и задолжителна, без оглед на поседувањето ковид-сертификат, на верски церемонии, уметнички перформанси, кинопроекции и изложби во музеи и други затворени простори“,
рече тој.
Се воведува обврска работодавците да ја организираат работата од дома секогаш кога е тоа можно, додаде Божиновиќ.