Министерството за надворешни работи известува дека согласно остварените комуникации со дел од граѓаните на Република Северна Македонија кои во моментов се наоѓаат во Казахстан, дека истите се безбедни и засега не е регистриран ниту еден кој е повреден или загрозен.
Од МНР велат дека продолжуваат континуирано да ја следат состојбата во Казахстан и дека се во постојан контакт со Амбасадата на Република Северна Македонија во Нур Султан, како и со соодветните институции од земјите во регионот, со цел обезбедување соодветни информации за македонските граѓани.
„Истовремено апелираме до сите наши граѓани кои во овој момент се наоѓаат во Казахстан да останат на безбедни локации, да не ги напуштаат хотелите и објектите каде што се сместени и да избегнуваат собири на јавни локации. За сите прашања поврзани со безбедноста на граѓаните на Северна Македонија кои во моментот се наоѓаат во Казахстан, молиме да се обратите на отворените телефони во нашето дипломатско-конзуларно претставништва во Нур Султан или во Министерството за надворешни работи. За сите наши граѓани кои планираат патување во Казахстан, апелираме да се одложи истото доколку е можно“,
се вели во соопштението.
Амбасада на Република Северна Македонија во Нур Султан
Телефон: +7771 103 7070 / +7775 257 3322.
Е-пошта: [email protected]
Адреса: Ul. “Tashenov” No3, Nur-Sultan 010000, Republic of Kazakhstan