Претседателот на Комисијата за европски прашања на СДСМ, Бојан Маричиќ, вечерва ја обвини ВМРО-ДПМНЕ и министерот за внатрешни работи од редовите на опозициската партија, Наќе Чулев, дека ја довеле во опасност меѓународната акција за трговија со кокаин која заврши со заплена на само 1 кг. во с.Крушопек. Во вечерашното гостување на емисијата „Патот кон“, на Алсат ТВ, тој додаде дека акцијата навистина целела кон заплена на 1,3 тони кокаин.
„Во трка по ексклузивни информации и покритие на овие лажни тези на ВМРО-ДПМНЕ, дека нивниот технички министер се бори против криминалот и корупцијата, во трка на поткрепа на таа лажна слика, се растури, односно се доведе во опасност една сериозна акција за борба против дрогата, во меѓународен канал, во акција којашто е работена повеќе од година дена. Значи, почната е во време кога премиерот Спасовски беше министер за внатрешни работи и за едно кило кокаин се доведе во прашање акција којашто навистина требала да биде за 1,3 тони“,
Бојан Маричиќ за нов секретар за меѓународна соработка на владеачката партија.
Маричиќ, во студиото на Алсат, за противник го имаше членот на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ Стефан Андоновски, па не пропушти да ја обвини опозицијата за создавање еуфорија со „лажни вести“, користејќи го примерот со пратеникот Илија Димовски. Народникот избраник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ вчера на „Фејсбук“ коментираше: „Во три години власт на СДСМ не слушнавме дека е запленет ниту еден килограм кокаин… Денес МВР заплени 1,3 тони… Најголема количина било кога запленета во РМ… Слепи ли биле? Или…?“.
Членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ се огради од пратеникот и се бранеше дека како партија тие ги чекале резултатите од акцијата од министерот Наќе Чулев.
„Информациите коишто излегоа од министерството за внатрешни работи треба да ги следиме низ статусите, „Фејсбук“ статусите на министерот, којшто е единствено одговорен носител на функцијата во министерството, а такви бројки од него не слушнавме. Тоа што пратениците, или некој друг граѓанин објавил или медиумите објавиле, е на одговорност на медиумите и на граѓаните коишто објавиле или политичарите. Видовте, партијата ВМРО-ДПМНЕ не излезе со бројки, не излезе со предвремени ставови, туку почекавме министерството во регуларна процедура да ни каже за што станува збор“,
Стефан Андоновски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ
Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев денеска на прес-конференција соопшти дел од деталите за вчерашната акција во скопското село Крушопек. Кажа дека е запленет само еден килограм кокаин и дека заплената е дел од поголема пратка чија крајна дестинација била нашата земја.
Чулев сепак не кажа колкава количина се очекувала, туку само дополни дека останатата количина е во друга земја, но во интерес на истрагата не кажа во која.
„Не можам да ви кажам за кое количество се работи, целокупното количество било наменето и со крајна дестинација во нашата држава. Во нашата држава е фатен само еден килограм, целокупната друга количина е во друга држава. Не можам да ви кажам ниту за количеството ниту сум спомнал други држави. Со цел заштита на истрагата, во координација сме со ОЈО за гонење организиран криминал за тоа кои податоци во оваа фаза може јавно да ги изнесеме“,
рече Чулев додавајќи дека сите детали за количината, за патот по кој се движела пратката, ќе ги соопшти во следните неколку дена.
поврзана вест* Случај кокаин: Чулев не кажува ниту колкава е вкупната пратка ниту во која држава се наоѓа – кај нас е запленет 1 килограм