Семафорите во голем дел од центарот на Скопје утре (24 декември) нема да работат во периодот од 8 до 15:30 часот, а од скопското Јавно претпријатие „Улици и патишта“ бараат полицијата да не дозволи да настане сообраќаен колапс како што беше случај на почетокот на декември.
Причината за неработењето на семафорите велат од претпријатието е што ЕВН најавила дека во тој период од денот ќе нема струја.
„По најавите на ЕВН дека дел од семафорите во централното градско подрачје нема да работат во текот на утрешниот ден од 8 до 15:30 часот ги повикуваме надлежните за регулирање на сообраќајот односно МВР да не дозволат да се направи голем метеж низ градот во овој период од денот“,
бараат од „Улици и патишта“.
Според најавите кои стигнале до нив од ЕВН, ќе бидат исклучени семафорите кај „Веро Џамбо“, Кеј „13 Ноември“, Правниот факултет, улицата „Мирче Ацев“, делот кај паркингот „Холидеј ин“ и околината.