Арсовска бара објаснување од МВР, од каде што, пак, и одговараат дека „кога веќе не знае, треба да научи кои се нејзините надлежности и надлежностите на службите на градот што таа го управува“
Според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, „надлежен орган за управување и контрола на сообраќајот на крстосниците на подрачјето на град Скопје е град Скопје преку Центарот за управување и контрола на сообраќајот (ЦУКС), реагираа вечерва од МВР во врска со сообраќајниот колапс што се создаде попладнево во главниот град, а одговарајќи на обвинувањата на скопската градоначалничка Данела Арсовска.
Таа објави на Фејсбук дека градот Скопје ќе побара објаснување од МВР за причината за предизвикување на денешниот сообраќаен хаос.
„Да се исклучат семафори без најава со часови за да се направи сообраќаен хаос е крајно несериозно. Сообраќајот е ист како и други денови и нема основа објаснувањето дека дождот е причината за денешната слика од улиците во Скопје каде што со часови патуваа до своите домови“,
напиша Арсовска.
Од МВР и одговорија дека наместо да бара објаснување од МВР и да ги дезинформира граѓаните со произволни фејсбук – статуси“, градоначалничката на град Скопје треба да почне да си ја врши работата и „кога веќе не знае, да научи кои се нејзините надлежности и надлежностите на службите на градот што таа го управува.
„Зачудува несериозноста на градоначалничката, која со невидена леснотија за проблеми кои се во нејзина надлежност се обидува вината да ја насочи кон МВР. Бидејќи службите на град Скопје не си ја завршија работата, односно не можеа да се справат со ситуацијата и беше создаден сообраќаен метеж во Скопје (на што објективно влијаеја и сообраќајната незгода кај ТЦ Мавровка и неколку полесни сообраќајни незгоди, но и зголемената употреба на возила од страна на граѓаните поради временските услови), а врз основа на член 5 од ЗБСП, СВР Скопје -Единица за безбедност на сообраќајот на патиштата – Одделение за безбедност на патниот сообраќај постапи со цел да се овозможи поголема проточност на сообраќајот, што и беше направено, односно метежот беше расчистен“,
се наведува во реакцијата на МВР.