За ова барања за притвор треба да одлучи Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје
По денешната одлука на Апелацискиот суд Скопје со која беше прифатена жалбата на Сашо Мијалков и е преиначено решението за притвор, предметниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Предлог за определување на мерката притвор за Сашо Мијалков, обвинет за помагање при кривично дело ,,Перење пари и други приноси од казниво дело“ од чл.273 ст.1 в.в. чл.24 од Кривичниот законик во предметот познат во јавноста како „Плацовите на Водно“.
Имено, обвинителот цени дека и покрај дадената гаранција и определените мерки за обезбедување, се уште постои опасност од бегство и во таа насока го достави Предлогот за притвор.
Инаку, за ова барања за притвор во „Плацови на Водно“ треба да одлучи Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје.
Според последните информации од затворот Скопје во Шуто Оризари до 17 часот се уште не беше пристигнато решението од Апелација со кое му се укинува притворот на Мијалков во случајот „Трезор“.
Апелацискиот суд во Скопје ја прифатил гаранцијата од Мијалков од 11 106 501 еврa, потврдија од второстепениот суд за „360 степени“,по што решението за притвор е преиначено – апелациските судии му определиле мерки на претпазливост односно одземање на пасошот и обврска да се јавува во судот.
Гаранцијата над 11 милиони евра, според нашите информации, се состои и во недвижен и во подвижен имот, а ексшефот на УБК треба да излезе од притвор кога ќе завршат административните процедури со ставање под хипотека на имотот што е понуден како гаранција дека нема да избега.