Критичарите велат дека е првенствено насочен против телевизискиот канал ТВН24, во сопственост на американскиот медиум Дискавери, што може да доведе до дипломатски спор со САД
Предложениот закон на почетокот на годината предизвика кавга меѓу Полска и САД, а освен од Вашингтон, доби критики и од Европската унија
Полскиот парламент усвои закон за медиуми за кој критичарите велат дека е првенствено насочен против телевизискиот канал ТВН24, во сопственост на американскиот медиум Дискавери, што може да доведе до дипломатски спор со САД. Законот, кој не беше на распоредот за гласање, но беше вклучен во последен момент, сега треба да биде потпишан претседателот Анджеј Дуда.
Пратениците од опозицијата тврдат дека гласањето е одржано надвор од процедурата, и затоа е незаконско и ги крши демократските стандарди. Тие предупредуваат и дека промената на правилата за странска сопственост ќе ја отежне работата на информативниот канал ТВН24 на американската медиумска куќа Дискавери.
Предложениот закон на почетокот на годината предизвика кавга меѓу Полска и САД, а освен од Вашингтон, доби критики и од Европската унија.
Владејачката Конзервативна партија на правото и правдата (ПиС) тврди дека законот има за цел да ги спречи земјите како Русија и Кина да влијаат врз полските медиуми.
Ова не е прво прашање по кое Полска доаѓа во судир со ЕУ.
Односите на релација Варшава – Брисел се веќе затегнати подолго време, откако полскиот парламент формира контроверзниот Дисциплински совет на Врховниот суд кој разреши голем број судии. Според полската Влада потребни се реформи за да се поправи „неефикасениот“ правосуден систем, но Брисел е против реформата во судството што ја спроведува полската Влада, тврдејќи дека ја поткопува независноста на судиите и го политизира судството.
ЕУ бара Полска да ги врати разрешените судии на функцијата како предуслов за активирање на милијарди евра од Фондот на ЕУ за закрепнување од пандемијата.
Полскиот министер за правда Збигњев Жобро изјави дека смета оти неговата земја треба да го суспендира придонесот во Европска Унија доколку Европска Комисија одбие да ја финансира Варшава поради тековниот спор за судските реформи.