
Од СДСМ реагираат и дека БРТ системот на ников начин нема да го загрози системот на водоснабдување во градот
Град Скопје вчера соопшти дека стопирањето на проектот „Бас Рапид Транзит“ (БРТ) е поради зачувување на животната средина, односно дека ако се реализира овој проект градот ќе остане без многу дрвја и зеленило.
БРТ инаку е проект кој се спроведуваше со поддршка на Европската банка за обнова и развој и е вреден 70 милиони евра, а од СДСМ одлуката да се прекине проектот ја нарекоа „скандалозна“ и велат дека не е вистина оти ќе се загрози животната средина доколку дојде до негова реализација.
„Проектот Бас рапид транзит е систем кој е прогласен за еден од најеколошките начини на јавен превоз. Освен што возилата возат на еколошки погон, според проектот, за двете траси обезбедено беше двојно повеќе зеленило, преку двојни дрвореди долж трасите. Беа предвидени и дополнителни 200.000 евра за соодветно пресадување на дрвја каде што е потребно за да не се загрози ниту едно зеленило. Неговата ефикасност значително ќе го намалеше обемот на сообраќај по скопските улици што е дополнителен придонес кон намалување на штетните гасови во воздухот“, се вели во партиското соопштение.
Од СДСМ реагираат и дека БРТ системот на ников начин нема да го загрози системот на водоснабдување во градот.
„Напротив, со овој проект беше предвидено целосна заштита на цевките за вода што минуваат под трасите на движење на БРТ, со соодветни механизми за заштита и од вибрации. Укинувањето на овој проект е на штета на граѓаните и на Градот, Арсовска спречува проект за ефикасен и еколошки јавен превоз“, додаваат од партијата.
Градоначалничката Данела Арсовска претходно рече дека останува на нејзиниот став дека БРТ системот не е добро решение за Скопје, а истакна и дека е можно распишување на референдум за тоа дали скопјани поддржуваат воведување на БРТ систем во јавниот превоз или не.