Македонскиот претседател посочил дека со учеството на 65 припадници на Армијата на С Македонија во силите на КФОР, државата како НАТО – членка дава активен придонес за зајакнување на стабилноста во регионот и пошироко
Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на официјалната посета на Косово, денеска ја посети Регионалната команда на КФОР – Запад во Пеќ, каде што се сретна со командантот, полковник Андреа Бертацо и со припадниците на Армијата на Северна Македонија кои се на задача како дел од мировната мисија.
За време на средбата, полковникот Бертацо го информирал Пендаровски за активностите на Регионалната команда на КФОР – Запад во поддршка на мирот и безбедноста на Косово, информираат од кабинетот на Пендаровски.
Пендаровски изразил поддршка за мисијата на КФОР, истакнувајќи ја нејзината важност за стабилност на Косово и целиот регион. Тој ја истакнал подготвеноста на Северна Македонија за унапредување на меѓусебната соработка и размена на информации од заеднички интерес, а во функција на исполнување на целите на мисијата.
Исто така посочил дека со учеството на 65 припадници на Армијата на Северна Македонија во силите на КФОР, државата како НАТО – членка дава активен придонес за зајакнување на мирот и стабилноста во регионот и пошироко.

Пендаровски бил информиран и за тековните активности и извршувањето на работните задачи на македонскат армија, распоредена во Регионалната команда на КФОР – Запад.
Тој оддал признание за професионализмот и посветеноста со која нашите војници ги извршуваат сите поставени барања и задачи и изјавил дека Северна Македонија и натаму ќе продолжи да дава свој придонес во оваа мисија.
Македонскиот претседател денеска во Приштина имаше средба со косовската претседателка Вјоса Османи, по што, на заедничката прес-конференција, се осврна и на последните случувања во врска со евроинтеграцискиот процес, по новата блокада од Албанија и најавениот нов пристап на Софија за надминување на спорот.