Шпанија ќе поддржи старт на преговорите за членство на Северна Македонија на состанокот на Европскиот совет во март, потврди денеска шефицата на шпанската дипломатија Аранча Гонзалез Лаја на прес-конференцијата во Мадрид со министерот за надворешни работи Никола Димитров.
Лаја рече дека Шпанија работи со Франција за обезбедување консензус за ова прашање, додавајќи оти за тоа станало збор и на вчерашната средба на шпанскиот државен секретар за ЕУ, Хуан Гонзалес Барба, со неговата француска колешка Амели де Моншалан.

Димитров изјави дека со новата методологија предложена од Европската комисија, која предвидува награда за оние што си ја завршиле домашната задача и казна за оние кои назадувале, ќе биде многу тешко, па дури и засрамувачки, да ѝ се каже повторно „не“ на Северна Македонија.
Тој потсети дека земјава направи значителен напредок, го реши долгогодишниот спор со Грција за името, ги спроведе задачите што и беа поставени и е целосно подготвена за старт на преговарачкиот процес со ЕУ.
Во врска со ратификацијата на Протоколот за НАТО во шпанскиот Парламент, Лаја рече дека очекува тоа да се случи многу брзо и Северна Македонија да стане 30-та полноправна членка на Алијансата.
Шпанија е последна земја членка на НАТО која сè уште не го ратификувала Протоколот за прием на Северна Македонија во Алијансата.
За утре е најавена расправа во Комисијата за надворешни работи на шпанскиот Конгрес за ратификација на Протоколот.
На дневниот ред како четврта точка, како што веќе објави „360 степени“, е давањето мислење за Протоколот.

Претседателството на Конгресот на Шпанија инсистира на скратување на роковите и забрзана процедура за донесување на одлуката.
Откако ќе го прими задолжителното мислење од Комисијата, претседателката Меритцел Батат Ламања ќе треба да го вметне во распоредот на сесии на конгресниот пленум.
Веднаш по изгласувањето од Конгресот, процедурата продолжува во Сенатот, каде што исто така постапката се води во две фази. По нивното успешно завршување, обврска на Шпанија е да го депонира ратификацискиот инструмент во депозитарот во Стејт департментот во Вашингтон и со тоа да го заокружи процесот на потврда на членството на Северна Македонија во НАТО.
Нашето Собрание, поради распуштање за предвремените парламентарни избори, минатата недела предвреме го усвои Северноатлантскиот договор за членство на државата во НАТО, а ратификацијата почнува да важи по објавата во „Службен весник“ откако шпанскиот парламент ќе ја изгласа како последна 29-та членка на Алијансата.
