Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска утрово, заедно со Синиша Алексовски и Љупчо Тодоровски-Радникот, се појави во Основниот кривичен суд во Скопје да сведочи за случајот „Монструм“, кој се однесува на петкратното убиство кај Смилковско Езеро.
Прва сведочеше Јанкулоска која одговарајќи на прашањата на обвинителката Фатиме Фетаи рече дека не се правеле калкулации со ДУИ околу одржување на судските рочишта и екстрадицијата на обвинетите Африм Исмаиловиќ и Алил Демири.

Јанкулоска зборуваше дека имала добра институционална соработка со тогашниот министер за правда Блерим Беџети во врска со екстрадицијата која и денес е без епилог.
„Дали под таква добра соработка со Министерството за правда се подразбираат и политички калкулации околу датумот за екстрадиција и одржување рочишта за предметот? Прашувам затоа што во еден од разговорите, на 14 март 2013 година, му велите на Беџети: ‘Мислам дека калкулирате, битно е да се врати предметот, да нема и друго рочиште пред изборите’. Тој ве фали дека добро сте ја пакетирале информацијата за екстрадиција“,
рече Фетаи.
Факт е, рече Јанкулоска, дека разговарале и разменувале информации за да се спроведе постапката на законски начин.
„Сакам да појаснам дека кога се разгледува сегмент од една комуникација може да се добие поинаков впечаток во однос на контекстот, но тврдам дека сè што можело да се направи за да се реагира брзо и ефикасно е направено и без разлика каков впечаток може да се добие…“,
одговараше ексминистерката кога обвинителката ја прекина и ја праша каков впечаток таа добила кога го слушнала разговорот.
„Во никој случај не би се согласила дека се правени калкулации“, рече Јанкулоска која потоа на останатите прашања посочи дека како министер во Владата ѝ се јавувале министри да прашаат за случајот, но оти од ниту една партија не биле правени притисоци за тоа како се води случајот.
Поранешната министерка рече дека имала честа комуникација и со косовските министри за внатрешни работи, а најчест одговор што го добивале во такви ситуации бил дека се работи на случајот и дека ќе се направи сè што може.
Таа не можеше да се сети дека присуствувала на презентација на анализа од Сашо Мијалков и УБК, на кој состанок биле и лица од меѓународниот фактор. Прашањето за ова таа го доби исто така од Фетаи која се повика на една од „бомбите“ во која Мијалков ја кани на еден таков состанок.
„Не би можела да се сетам дека сум присуствувала на таква презентација, не знам дали имало или немало презентација, но јас не можам да се сетам дека сум присуствувала на такво нешто. Кога станува збор за дискусија во присуство на претставници на меѓународната заедница, ги имало повеќе и на дел од нив јас сум ги презентирала информациите што ми беа познати“,
рече Јанкулоска.