Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ денеска треба да ѝ предаде аудиоснимки на шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска, во кои, како што тврди тој, се слуша гласот на доскорешниот премиер Зоран Заев.
Тој утрово во 9 часот, како што најави вчера, треба да биде во просториите на обвинителството, а снимките тврди се поврзани со аферата „Рекет“.
„На моја иницијатива, ќе остварам средба со г-ѓа Вилма Русковска. Целта на закажаната средба е на обвинителката да ѝ го предадам аудиоматеријалот доставен од укажувач, а на кој се препознава гласот на поранешниот премиер Зоран Заев. Во прилог на овој материјал ќе го доставам и транскриптот од чија содржина произлегува сомнеж за тоа дека господинот Зоран Заев бил во тек со нелегалното финансирање на ‘Меѓународниот сојуз’ на Бојан Јовановски преку рекетирање на стопанственици, како и дека тој лично од позицијата премиер го помагал финансирањето на телевизијата 1ТВ. Се надевам дека овој материјал ќе му биде од корист на обвинителството во покренатото обвинение за овој предмет“,
најави вчера Милошоски.
Тој минатата недела на седницата на собраниската Комисијата за европски прашања, на која се разгледуваше Законот за јавно обвинителство, пушти една аудиоснимка и презентираше транскрипт за, како што наведе, разговор на лицето З.З. во врска со Боки 13.
Според Милошоски, лицето З.З. на соговорникот му рекол: „Му требаат пари за тоа телевизијата и само прави некои комбинации. Го прашав Боки, од каде се парите за телевизија. Тој ми рече од Хрватска, но главно од Циле, Силјан Мицевски, од тоа проектот за старските домови, ако знаеш. Ние на неколку пати му помагаме така за телевизијата, главно за маркетинг за да му помогнеме. Тоа беше уште лани октомври, ноември 2018 година“.
И на пленарната седница во петокот за законот за јавно обвинителство тој од говорница сакаше да пушти нова „бомба“.
„Би сакал да ве прашам, дали ќе ми дозволите Вам, на јавноста и на пратениците да ви пуштам уште една снимка на лицето З.З. која покажува дека тој е главата на ‘Рекет’. Снимката е јасна и покажува дека лицето знае и учествува, организира и дава совети како да оди операцијата ‘Рекет’“,
рече Милошоски, но собранискиот спикер Талат Џафери не му дозволи.
Кога ја пушти првата снимка, министерката за правда Рената Дескоска го упати да пријави во јавното обвинителство. И кога бараше, но не доби дозвола од Џафери за новата „бомба“, Дескоска, како и во првиот случај даде свој коментар велејќи дека тоа му било само добар блеф бидејќи претходната снимка што ја пуштил на комисиска расправа се покажало дека не е бомба туку обична петарда.