Во просек, секој Американец генерира 130 килограми пластичен отпад годишно, а потоа следи Обединетото Кралство со 98 килограми. Во Франција, просекот е 43 кг се вели во извештајот на Националната академија на науките, инженерството и медицината изработен за Конгресот на САД
Соединетите Американски Држави се убедливо најголемиот придонесувач за загадувањето со пластика во светот, според новиот извештај на Националната академија на науките, инженерството и медицината, кој повикува на развој на национална стратегија за да се стави крај на тоа.
Севкупно, Соединетите Држави создадоа околу 42 милиони тони пластичен отпад во 2016 година – повеќе од двојно од Кина и повеќе од земјите на ЕУ заедно. Соединетите Американски Држави сочинуваат помалку од пет проценти од светското население.
Во просек, секој Американец генерира 130 килограми пластичен отпад годишно, а потоа следи Обединетото Кралство со 98 килограми. Во Франција, просекот е 43 кг.
„Успехот на чудесниот изум на пластика во 20 век, исто така, создаде глобална поплава од пластичен отпад, каде и да погледнеме“,
напиша Маргарет Спринг, претседателка на Комитетот на експерти што го напиша извештајот, нарачан од Конгресот на САД.
Таа го нарече проблемот „еколошка и социјална криза“.
Најмалку 8,8 милиони тони пластичен отпад завршува во океанот секоја година во светот, што е околу еден камион за ѓубре што се фрла во морето секоја минута, се објаснува во извештајот. Сета пластика, вклучувајќи ја и онаа фрлена на земја, има потенцијал да заврши во океанот.

Со сегашното темпо, количината на пластика фрлена во океанот би можела да достигне 53 милиони тони годишно до 2030 година, што е половина од вкупната тежина на рибите уловени во океанот секоја година. Производството на пластика доживеа експанзија од 1980-тите, но не и рециклирањето, се нагласува во извештајот.
Притоа, се препорачува да се развие национална стратегија во Соединетите држави до крајот на 2022 година и да даде детали за неколку области кои би можеле да го решат проблемот, како што е поставување ограничувања за производство на пластика што не може да се рециклира или развој на замена за пластика.
Тоа е најсеопфатниот извештај за загадувањето со пластика досега објавен, рече Џудит Енк, претседател на Бијонд Пластикс.
