Овој немил настан, како што рече, е само продолжение на корупцијата, криминалот и нефункционирањето на државните институции што почна со несреќата во Ласкарци и површната истрага во „Дурмо турс“ и продолжи со кабелот во модуларната болница во Тетово
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, побара одговорност и оставки од надлежните министри за автобуската несреќа во Бугарија и рече дека доколку сето ова не се случи, доколку нема одговорност и не се променат некои работи во однос на корупцијата и криминалот, вакви несреќи ќе продолжат да се случуваат.
„Ние свесно три дена не се појавуваме во јавноста, не ги коментиравме овие немили настани, а би сакал уште еднаш да изразам сочувство до семејствата на починатите во оваа трагична несреќа, овој немил настан е само продолжување на корупцијата и криминалот и нефункционирањето на државните институции којшто започна со несреќата во Ласкарци и онаа нецелосната истрага во ‘Дурмо турс’ , продолжи со кабелот во модуларната болница во Тетово и сега пред некој ден се случи трагичната несреќа во Бугарија“,
изјави Мицкоски.
Тој вели дека тоа што нема никаква одговорност од одговорните лица и од институциите, ниту морална одговорност, претставува срам за тие политичари кои и покрај тоа што на овие локални избори велеа дека ја научиле лекцијата, но не само што не ја научиле лекцијата туку се однесуваат и полошо од претходно.
„Ние предложивме вонреден технички преглед на сите превозни средства кои се користат за јавен превоз на патници, вонреден преглед на техничките станици каде се врши техничкиот на овие автобуси, предложивме најмалку три пати годишно да одат автобусите постари од осум години, четири пати автобусите постари од 12 години, се на товар на државата и да биде јавно достапен списокот на автобуси кои имаат лиценци за превоз, не тоа да биде некоја тајна која ја крие надлежното министерство“,
рече Мицкоски.