Уште еден нов момент предвиден во буџетот, информира министерот, е модернизација на летало на Одделот за воздухопловни единици на МВР, со најмодерна опрема за комуникација и опрема за гасење пожари
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска го претстави предлог-буџетот на МВР за 2022 година, со вкупна вредност од 10 милијарди и 410 милиони денари, испланиран согласно развојната компонента за подобрување на работењето и реализирање на сите активности што се во надлежност на Министерството, како и негово непречено функционирање и работење за остварување на основните стратегиски приоритети и цели.
Во предлог-буџетот на МВР обезбедено е зголемување на платите за вработените за пет проценти, со цел продолжување на процесот на усогласување на платите на припадниците на МВР согласно постоечките договори за зголемување на платита. Обезбедени се и средства за бонус плата за остварени над 150 часа прекувремена работа на годишно ниво во текот на 2021 година.

Спасовски најави дека се обезбедени средства и за реконструкција на Одделот за граѓански работи во МРТВ, кој, како што истакна, практично го претставува лицето на полицијата пред граѓаните. Во овој сегмент спаѓа и изградба на Полициската станица Аеродром.
Во предлог-буџетот на МВР за 2022 година се испланирани и средства за проектот „Автоматизирана идентификација на отпечатоци од прсти и дланка“, нешто што влегува во групата на лабораториска опрема за новиот објект на Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења, кој ќе биде опремен согласно сите најнови европски полициски стандарди во доменот на крим-техниката односно форензиката и ќе претставува есенција во полициско-истражителското дејствување.

Уште еден нов момент предвиден во буџетот, информира министерот, е модернизација на летало на Одделот за воздухопловни единици на МВР, со најмодерна опрема за комуникација и опрема за гасење пожари.
„Верувам дека граѓанскиот буџет на МВР за 2022 година е реална рамка за остварување на нашата високо поставена цел, ефикасна и задоволна полиција, високо мотивирана да застане на првите линии во се што ќе придонесе за зголемување на безбедноста и сигурноста на нашите граѓани и држава“,
рече министерот Спасовски.
Тој најави и продолжување на соработката со Македонскиот полициски синдикат и другите синдикати, со цел заеднички да се унапредуваат условите за работа и да се подобруваат материјално-техничките добра на полицијата и на сите вработени во МВР.