Руската вселенска агенција Роскосмос минатата недела соопшти дека се согласила да ги обезбеди снимките од пристаништето во Бејрут пред и по експлозијата откако тоа го побарал либанскиот претседател Мишел Аун
Русија му ги испрати на Либан сателитските снимки од пристаништето во Бејрут пред и по големата експлозија што се случи минатата година, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Руската вселенска агенција Роскосмос минатата недела соопшти дека се согласила да ги обезбеди снимките од пристаништето пред и по експлозијата откако тоа го побарал либанскиот претседател Мишел Аун.
„На барање на либанската влада, денеска ги предадовме сателитските снимки подготвени од Роскосмос и се надеваме дека тие ќе помогнат да се испита причината за овој инцидент. Ова прашање сега привлекува доста сериозно внимание во Либан и се надеваме може да се реши“,
изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Лавров рече и дека разговарал и со либанскиот колега Абдала Бу Хабиб за можно учество на руски компании во обновата на инфраструктурата уништена во експлозијата.
Во експлозијата загинаа повеќе од 215 луѓе, илјадници беа повредени, а беше уништен голем дел од Бејрут. Експлозијата се случи на 4 август 2020 година, а истрагата сè уште е во тек.