Премиерот на Либан, Хасан Диаб денеска најави дека ќе предложи одржување предвремени избори во земјата, откако експлозијата во центарот на Бејрут во вторникот ја продлабочи кризата. По страшната експлозија која уби околу 158 лица, а повреди на 6 000, во земјата почнаа и протести како револт кон владините реакции за новонастаната состојба.
Во телевизиско обраќање, Диаб ги повика сите политички партии да ги остават несогласувањата настрана и да работат заедно.
Тој додаде дека е подготвен да остане на функцијата наредните два месеца, за да им даде време на политичарите да спроведат структурни реформи.
Како што се наведува, 21 лице се водат како исчезнати.
Експлозијата во пристаништето во Бејрут ја предизвикаа повеќе од 2 700 тони амониум нитрат, кој бил складиран шест години, откако бил конфискуван од царинската служба.
На денешните протести во Бејрут, полицијата се судри со демонстрантите кои сакаа да ги пробијат оградите и да се доближат до парламентот. Во тој момент полицијата употреби солзавец. На протести се собираат околу 5 000 жители.