Поголем број од граѓаните сметаат дека лидерот на СДСМ, Зоран Заев, би бил подобар иден премиер од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, покажа најновото испитување на јавното мислење спроведено од агенцијата „Рејтинг“.
Највисок процент од анкетираните, 32 отсто, го гледаат Заев како најдобар иден премиер, а 27 отсто сметаат дека подобар за премиерската функција е претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Граѓаните во значително повисок процент сметаат дека СДСМ може да обезбеди побрзо членство на државата во ЕУ и НАТО и да осигура поголема слобода и демократија. Исто така, за 4 % повеќе граѓани сметаат дека СДСМ може да обезбеди подобар економски стандард од ВМРО-ДПМНЕ и исто толкав процент повеќе, дека може да обезбеди поголема независност на судството.
Мнозинството од граѓаните негативно ја оценуваат работата на техничките министри кои ги постави ВМРО-ДПМНЕ во Владата. На прашањето: „Како ја оценувате работата на техничките министри на ВМРО-ДПМНЕ во Владата?“, високи 44 % рекле дека нивната работа ја оценуваат негативно, додека 35 % рекле дека ја оценуваат позитивно. Еден од пет испитаници не знае или нема мислење за работата на техничките министри на ВМРО-ДПМНЕ.
Како три најважни проблеми во државата испитаниците ги навеле ниските плати и животниот стандард, криминалот и корупцијата и невработеноста. На четврто место се високите трошоци за живот, а веднаш потоа иселувањето на луѓето.
Повеќето од анкетираните сметаат дека влада предводена од СДСМ подобро би се справила со погоренаведените проблеми.
Агенцијата „Рејтин“ ја спроведела анкетата на примерок од 1 080 испитаници, од 18 до 29 јануари со метод интервју лице в лице и статистичката грешка од -3 до +3%.