Ова се четвртите избори во Бугарија во изминатите осум месеци, по трите парламентарни, и излезноста беше околу 30 отсто
Румен Радев е на пат да го освои вториот претседателски мандат на денешниот втор круг од изборите во Бугарија, покажуваат излезните анкети, според кои Радев има двојно повеќе гласови од противкандидатот Анастас Герџиков.
Резултатите од излезната анкета на агенциите „Галуп“ и „Тренд“, нарачана и платена од НОВА, покажуваат дека актуелниот претседател на Бугарија добил поддршка од 65,7 отсто од гласачите, додека за неговиот противник Анастас Герџиков, гласале 31,5 отсто од гласачите.
Опцијата „Не поддржувам никого“ ја избрале 2,8 отсто од гласачите кои оствариле право на глас.
Ова беа четвртите избори во Бугарија во изминатите осум месеци, по трите парламентарни, и излезноста беше околу 30%.
Во првиот круг, Радев беше во убедливо водство пред Герџиков со околу 24 отсто од гласовите. Тој освои нешто повеќе од 49 отсто, додека противкандидатот имаше 25 отсто од освоените гласови.
Првиот круг се одржа на 14 ноември, кога паралелно бугарските граѓани гласаа и на парламентарни избори. На нив, најмногу гласови освои коалицијата „Продолжуваме со промената“ (ПП), предводена од двајцата поранешни министри Кирил Петков и Асен Василев, која веќе ги почна преговорите за формирање нова влада.