Забрана за влез во ресторани на невакцинирани, спортски натпревари без публика, задолжителни маски во училишта и „бустер“ доза за граѓаните над 65 години, се дел од мерките кои се воведуваат во европските земји

Граѓаните на европските земји кратко уживаа без ковид-рестрикции, но појавата на делта сојот и неговата мутација позната како делта плус, доведе до ситуација многу држави во Европа да се соочат со нов бран на заразени. Дел од државите рушат и рекорди по бројот на новодијагностицирани случаи од почетокот на пандемијата, што ги натера властите повторно да воведат мерки за заштита од ковид-19.
Според податоците од Светската здравствена организација (СЗО), додека во остатокот од светот бројот на новозаразени паѓа, Стариот континент е единствениот регион каде се бележи раст и тоа трае шест недели по ред. Исто така, Европа е и единствениот регион каде расте и бројот на смртни случаи.
Во продолжение издвојуваме дел од европските држави кои решија да воведат мерки за заштита од вирусот.
Холандија
Меѓу првите земји кои најавија дека коронавирусот се враќа е Холандија, која ќе воведе и делумно затворање веќе од претстојниот викенд.
Кафулињата и рестораните ќе мора да ставаат клуч на врата во 19 часот барем во наредните три недели. Вработените ќе работат од дома, а спортските натпревари повторно ќе бидат без публика. Отворени ќе останат, пак, училиштата, кината и театрите.
Данска
Делта плус сојот од понеделник ќе врати дел од мерките и во Данска. Иако ја укинаа, данските власти сега ја враќаат ковид-пропусницата. Таа ќе биде потребна за влез во речиси сите затворени објекти што и нема да влијае многу на секојдневниот живот на вакцинираните.
Оние кои не се вакцинирани ќе мораат да се тестираат.
Австрија
Властите во Австрија, пак, се решија против новиот бран да се борат со т.н. „2Г“ правило – вакцина или прележан ковид. Според мерките, невакцинираните не може да влезат во ресторани, објекти кои служат за забава и за настани од областа на културата. Присутните во овие локали кои го немаат „2Г“ документот се соочуваат со казна до 500 евра, а сопственикот со глоба до 3 600 евра.
Германија
Германија последните денови неколку пати регистрираше рекорден број на нови случаи на дневно ниво. Законот за нови мерки кој го подготви Бундестагот предвидува повторно враќање на бесплатното тестирање со цел да се следи инфекцијата од самиот почеток. Бесплатното тестирање одреден период им беше укинато на Германците со цел да се поттикне поголема заинтересираност за вакцинација.
Новите мерки предвидуваат и вработените и посетителите во домовите за стари лица секојдневно да се тестираат, дури и да се вакцинирани. Се предвидува и дополнително боледување за родителите во случај ако децата се заразени, ако мораат да одат во карантин или ако се затвори градинката поради пандемијата.
Франција
Во Франција има околу шест милиони невакцинирани граѓани кон кои претседателот Емануел Макрон испрати повик да се вакцинираат. Сепак, тој посочи и дека вакцинацијата сама по себе не може да го победи вирусот сè додека поголем број од светската популација не биде вакцинирана, па од тие причини најави и нови мерки.
Според најавата, од понеделник во училиштата ќе стане задолжително носење заштитна маска, а граѓаните над 65 години ќе треба да примаат трета „бустер“ доза од вакцината против ковид доколку сакаат да имаат ковид-пропусница.