За развојот, процесите и состојбите во регионот ги изразивме своите заложби за мирот, стабилноста и добросостојбата и се согласивме дека практичната и конкретна соработка е докажан начин за надминување на недоразбирањата, напиша Османи по средбата со Селаковиќ
Aктуелните случувања на политичката сцена во Северна Македонија и во Србија, а пред се претстојните значајни одлуки на ниво на ЕУ за сите земји од Западен Балка,н кои можат да влијаат на стабилноста и перспективите на нашиот регион, но и на кредибилитетот на Унијата, се темите на кои разговарале министерот за надворешни работи Бујар Османи и неговиот српски колега Никола Селаковиќ, на денешната средба во Скопје.
„Убаваможност денес да бидам домаќин на мојот колега од Република Србија и да продискутираме за економската и регионална соработка, но и за нашиот пат на интеграција кон ЕУ. Како блиски соседни држави не ретко се случува да ни се вкрстат патиштата и да имаме можност да се сретнеме и да поразговараме за предизвиците пред нас“,
објави Османи на Фејсбук.
Во однос на економската соработка, како што наведува Османи, констатирале дека Србија останува трет најголем трговски партнер на Северна Македонија, како и дека во првите девет месеци од тековната година трговската размена е зголемена за 24 проценти во споредба со истиот период минатата година.
„За развојот, процесите и состојбите во регионот ги изразивме своите заложби и целосна посветеност за мирот, стабилноста и добросостојбата и се согласивме дека практичната и конкретна соработка е докажан начин за надминување на недоразбирањата“,
напиша Османи на ФБ.