Заев не може да ја држи Македонија во заложништво заради фотелја и политичка кариера, велат од опозициската партија
Притисоците на измамникот Заев кон пратеници се потези на очајник, граѓаните јасно кажаа дека се за промени и таа волја мора да се исполни, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Тие го обвинуваат премиерот и лидер на СДСМ и дека лаже, односно дека неговиот збор не вреди.
Од партијата велат дека Заев е изворот на кризите и проблемите во Македонија и дека поради тоа тој не може веќе да биде ниту решение.
„Тој освен што е губитник е и класичен измамник. Последните обиди за притисоци и непристојни понуди кон пратениците кои се потпишаа на иницијативата за гласање на недоверба на владата се само сламка за спас на Заев и екипата околу него. Тоа се потези на очајник. Граѓаните јасно му порачаа на последните избори дека се за промени и ваквите злоупотреби нема да му помогнат, туку само уште повеќе ќе го зголемат незадоволството на народот. Заев не може да ја држи Македонија во заложништво заради фотелја и политичка кариера. Тие се веќе завршени“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата заедно со Алијанса за Албанците, Алтернатива, Беса и Левица собра 61 потпис и во понеделникот поднесе иницијатива за гласање недоверба на Владата во Собранието. Меѓутоа, пратеникот Скендер Реџепи-Зејд од Алтернатива рече дека нема да дозволи неговиот потпис да стои заедно со тие на пратениците од Левица.
Вчера од ВМРО-ДПМНЕ го предизвикаа пратеникот да поднесат нова иницијатива со потписи од 20 пратеници, по што тој најави дека ќе се согласи. Меѓутоа, претседателот на Собранието, Талат Џафери, вчера на ТВ 21 рече дека процедурата за претходната иницијатива веќе е отпочната и е закажана седница за утре (четврток). Ако се повлече, рече тој, ново барање за недоверба на Владата може да се поднесе после 90 дена.
Во меѓувреме, раководството на СДСМ синоќа заседаваше по што од партијата соопштија дека Извршниот и Централниот одбор едногласно донеле одлука Заев да ги одложи оставките на одредено време, додека не се нормализираат процесите во државата.