Поради недостиг на работници за претстојните празници, задолжителната вакцинација на вработените во приватниот сектор против ковид-19 се одложува за по Нова година и ќе се спроведува од 4 јануари, а за истиот ден се одложува задолжителната вакцинација на јавните службеници
Мерките на претседателот Џо Бајден за задолжителната вакцинација на работниците од приватниот сектор против ковид-19 или неделното тестирање се одложуваат за по Нова година и ќе се применуваат од 4 јануари, потег што оди во корист на претприемачите кои се соочуваат со недостиг на работна сила во текот на претстојните празници, пренесе Н1.
Американските власти денеска потврдија дека задолжителната вакцинација на јавните службеници исто така ќе биде поместена за истиот ден, 4 јануари.
Бајден воведе обврска за вакцинација за да се зголеми стапката на имунизација и да се вратат повеќе луѓе на работа, но по многубројни состаноци со компании и индустриски групи, директорите побараа од владата да ги одложи мерките по Нова година, наведувајќи го недостигот на работна сила како причина.
Можни се исклучоци на медицинска или верска основа
Од работодавците нема да се бара да плаќаат за тестирањата, а можни се и ослободувања од задолжителната вакцинација врз основа на медицински или верски причини.
Прекршувањето на преземените мерки може да резултира со парична казна од 14 000 долари, а таа сума се зголемува со последователни прекршувања, објаснуваат владини претставници.
Тие, сепак, не кажаа дали работниците ќе бидат отпуштени ако не се вакцинираат или ако го одбијат редовното неделно тестирање.
Бајден планираше до 4 јули 70 отсто од возрасните Американци да ја примат барем првата доза од вакцината, но тоа не се оствари бидејќи земјата сè повеќе го зголемува отпорот кон задолжителната вакцинација.
Со две дози досега се вакцинирани 70 проценти од возрасните
Стапката на вакцинација во меѓувреме се зголеми и досега 70 отсто од возрасните се вакцинирани со двете дози, а 80 отсто примиле најмалку една доза, но во просек околу 1 100 Американци сè уште умираат секој ден.
Досега повеќе од 745 000 Американци починале од вирусот САРС-КоВ-2.
Задолжителната вакцинација сигурно ќе предизвика голема правна битка која е вкоренета во закон кој ретко се користи и кој ја доведува во прашање федералната здравствена власт.
Набргу откако беше избран за нов претседател на САД, Бајден на почетокот на декември 2020 година рече дека вакцинацијата против коронавирус нема да биде задолжителна, но изрази надеж дека граѓаните на крајот ќе стекнат доверба во вакцините против ковид-19.