Ќе се дигнеме брзо сите, им порача Зоран Заев на сопартијците, кои со солзи во очите ја проследија неговата објава дека поднесува оставка од премиерската функција и од лидер на партијата.
На масовното славје пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, пак, музика и луѓе доаѓаа од секаде. На славјето се приклучи и новата градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, а новитет беше тоа што за првпат пред белата палата се развеаја и албански знамиња. Погледнете го видеото.
На иста улица, во строгиот центар, само неколку метри ги делат изборните штабови на двајцата кандидати за градоначалник на Скопје, Петре Шилегов и Данела Арсовска. На само еден час пред затворањето на избирачките места и двата објекта беа речиси празни.
Јасно беше дека кој и да ја однесе победата, таа ќе се прогласи во некоја од партиските централи. Во онаа на ВМРО-ДПМНЕ веќе беа поставени новинарските екипи. Опозицијата прва се охрабри за прес-конференција.
„Тажен ден за недемократската власт на Заев“,
соопшти портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.
Во седиштето на СДСМ, на Бихаќка, единствените видливи гости кога се затворија избирачките места беа новинарите. Првата прес-конференција се одржа еден час по онаа на ВМРО-ДПМНЕ.
„Граѓаните денеска на слободни и демократски избори го дадоа својот глас“,
кажа портпаролката на СДСМ, Богданка Кузевска.
Прв, во прес-центарот на владејачката партија традиционално дојде пратеникот Горан Мисовски од коалициската НСДП.
„Да ги причекаме резултатите“,
рече Мисовски.
По него беше речиси мирно. Во исчекување на следните обраќања, тишината во Скопје ја прекина младината на опозицијата. Скандираа „ВМРО-ДПМНЕ и „Цело Скопје вмровски град“. И почна масовно славје. Со зурли и тапани се свиреше „Земјо македонска“. Пред белата палата доаѓаа нови и нови групи луѓе.
Владејачката партија веќе брифираше дека го добива Скопје, но честа да ја соопшти победата и ја оставија на кандидатката Данела Арсовска. Намерно или не, Мицкоски доцнеше со својата прес-конференција, а некои опозициски функционери се преселија во штабот на Арсовска.

По Арсовска, но во партиското седиште, се обрати лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Прогласот за убедливата победа го следеа добро познати партиски личности.
„Не треба премногу да славиме затоа што она коешто се случуваше помеѓу двата круга на овие избори е навистина нешто не треба да го заборавиме“,
кажа Мицкоски.
Како што Мицкоски ја завршуваше триумфалната прес-конференција, во СДСМ се очекуваше најавеното појавување на премиерот и лидер, Зоран Заев.
„Оставката ја поднесувам и од премиер и од претседател на СДСМ. Ми беше огромна чест што можев да ви служам и што ми дававте доверба сите овие овие години“,
кажа Заев.
Дел од симпатизерите на СДСМ кои го слушаа Заев на Бихаќка, беа со насолзени очи.
„Ќе се дигнеме брзо сите“,
им порача Заев на сопартијците.
Целото раководство на СДСМ, експресно се повлече.
„Сметам дека Зоран Заев не треба да си поднесе оставка на функцијата премиер, но тоа е негов личен став и тоа го почитувам. Ќе видиме како понатаму преку Парламентот ќе ја истераме таа работа.
-Што мислите, кој ќе го наследи?
Ах, тоа не би можел да знам. Треба да ги прашате во СДСМ, но тоа е процес што ќе трае, претпоставувам“,
прокоментира Мисовски.
Тој вели дека од овие избори може да се извлече и поука.
„Пративме порака дека во Република Северна Македонија може гласот да вреди само еднаш и само за еден гласач. Ние не затваравме лифтови, не исклучувавме струја, не ги носевме човечињата за уши, не влечевме никого. На крајот на денот Петре Шилегов беше одличен градоначалник, направи многу за Скопје.“
И додека на Бихаќка владееше молк, пред белата палата, се симна и партискиот врв. Овде, плус причина за славје, беше и оставката на Заев.
„Ако го изгубите теренот и ако немате поддршка на локално ниво, што е идејата на целата конструкција на Македонија, тоа е нели локалните единици да бидат пофункционални, тогаш, секако, немате кредибилитет да останете и најдобро е што тоа го стори и ќе замине, конечно.
-Но, не е за предремени парламентарни избори.
Претпоставувам дека Македонија уште некое време ќе се занимава со оваа хибридна власт, но и таа ќе заврши уште попоразително, како што е ова денеска. И верувајте ова не е триумф на некој што го гледате поразен, тој навистина го заслужи овој пораз“,
вели Иванка Василевса, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ.
На славјето пред ВМРО-ДПМНЕ се приклучи и градоначалничката на Скопје. Освен традиционална иконографија на ВМРО-ДПМНЕ, новитет беше тоа што за првпат пред белата палата се развеаа и албански знамиња.
*ПОВРЗАНА ВЕСТ: (ВИДЕО) Во Тетово славеше Касами, Ахмети мораше во Кичево