Во предметот, кој се однесува на продажбата на државно градежно земјиште во Сопиште за изградба на населбата Сончев град, Јанакиески тврди дека работел законски и не влијаел во работата на комисијата за јавно наддавање при продажбата на земјиштето. Петтемина членови на таа комисија, исто така, седат на обвинителна клупа за злоупотреба на службената положба и овластувања
Три години го чекав овој момент, прокоментира поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиевски денеска во судница додека ја даваше својата одбрана на денешното рочиште во предметот „Топлик“, каде што е првообвинет за злоупотреба на службената положба и овластувања.
Во предметот, кој се однесува на продажбата на државно градежно земјиште во Сопиште за изградба на населбата Сончев град, Јанакиески тврди дека работел законски и не влијаел во работата на комисијата за јавно наддавање при продажбата на земјиштето. Петтемина членови на таа комисија, исто така, седат на обвинителна клупа за злоупотреба на службената положба и овластувања.
Во обвинението кое своевремено го подигна Специјалното јавно обвинителство (СЈО), се тврди дека Јанакиески од првичната комисија за јавни наддавања добил записник дека не се исполнети условите за објава на јавното наддавање, но тоа го игнорирал, составил нова комисија од сега обвинетите и побарал сепак да ја објават постапката за наддавање. Членовите на новофирмираната комисија, тврди обвинителството, иако знаеле дека не се целосно обезбедени податоците за градежното земјиште, го реализирале тоа. Потоа бил потпишан и договор со трговско друштво кое го купило земјиштето, но тој договор според обвинителството, не можел да се реализира поради проблеми со катастарските парцели. Од тие причини договорот за купопродажба на земјиштето бил раскинат со судска спогодба, а Министерството ги вратило парите и платило затезна камата од над 64 милиони денари со што е нанесена штета на Буџетот.
Јанакиески, пак, во неговата одбрана тврди дека записникот од првата комисија не го добил лично, тој не бил целосен односно бил направен неколку дена пред датумот кој е запишан во него кога ги немало сите потребни податоци, а тврди и дека потпишал за формирање нова комисија зошто претседателката на првата била на боледување, а и членовите дале оставки.
„Во тој момент. ниту сум знаел ниту сум можел да игнорирам, туку поради настанатите околности и неможноста да функционира комисијата за јавно наддавање и барањето на цела комисија да биде рсзрешена, државниот секретар и стручните служби изготвиле решение за нова комисија. Игнорирање би било ако ми кажале дека претседателката на комисија е на боледување, дека членовите барале да бидат сменети, а јас ништо да не сум презел. Не може да биде игнорирање, како што е наведено во обвинението, тоа што сум формирал нова комисија. По формирањето на втората комисија, сум немал никаков контакт ниту сум побарал од нив да реализираат објава и јавно наддавање со недостатоци”,
се бранеше Јанакиески.
Тој тврди дека не е точно како што се тврди во обвинението дека договорот не бил спроведен, бидејќи има и имотен лист во кој сопственоста на земјиштето е префрлена на купувачот.
„Се поставува едно реторичко прашање, ако договорот не бил спроведен во катастар како што се тврди во обвинителниот акт како тогаш тужителот ја имал активната легитимација да заведува управни спорови, да поднесува тужби. Ако не бил спроведен тогаш ќе се поднесувале тужби и барања за упис на договорот, а немало да се поднесуваат тужби и барања за укинување на тој упис од катастар. Се до моментот на судската спогодба во имотен лист фигурира инвеститорот”,
рече Јанакиески додавајќи дека по спогодбата сопственоста е вратена на државата.
Тој тврди и дека немало да се даде согласност за раскинување на договорот со што е платена и камата, доколку Уставниот суд не го укине ДУП за тој дел од Сопиште.
„Од оваа дистанца, можам да заклучам дека владата немаше да даде согласност доколку Уставниот суд не донесеше решение за укинување на конкретниот ДУП. Мое мислење е, согласно сите докази, доколку не постоеше таква одлука на Уставен, судските спорови ќе си продолжеа и граѓанскиот суд ќе одлучуваше дали постојат услови за раскинување на предметниот договор и дали и каде постои вина”,
рече Јанакиески.
Тој во својата одбрана ја бранеше и комисијата за јавно наддавање бидејќи како што вели, таа не можела да проверува дали документите прибрани за спроведување на постапката за наддавање и продажба на земјиштето се „чисти”.
„Комисијата само ценела дали ги има доказите или не, тие документи не биле создадени во Министерството. Комисијата го спроведува јавното наддавање согласно тие докази. Комисијата ниту можела ниту е надлежна да ја проверува точноста на издадените документи од надлежни институции кои по закон се должни да ги издаваат тие документи. Никој друг не може да ги издаде тие документи”,
рече Јанакиески.
Конкретно за неговите надлежности во вакви постапки, тој се бранеше со тоа дека како министер правел само две работи.
„Согласно тогашните закони, јас како министер правам две работи: носам решение за формирање на комисија и на крајот на постапката кога ќе добијам информација од комисијата дека се е во ред со постапката, заедно со предлог за склучување на договор, повторно како претставник на министерството го склучува тој договор. Помеѓу тие две бази се активира целокупната хиерархија на Министерството”,
рече Јанакиески.
Денешното судско рочиште на кое ексминистерот дава одбрана е во тек. По него, одбрана може да дадат и останатите обвинети.