По неколку меѓусебни прозивки на координаторите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Јован Митревски и Никола Мицевски, спикерот Талат Џафери ја пролонгираше седницата за предлог-законот за јавно обвинителство и за измените на Законот за јавни обвинители, прифаќајќи го барањето на опозицијата за пауза од еден час.
Прозивките помеѓу двајцата координатори од собраниската говорница беа за тоа кој ја кочи работата на законодавниот дом и кој сака да избега од избори.
„Ние кажавме дека има закони кои мора да се донесат пред да се одржат изборите на 12 април. И за законот за АВМУ, и за Законот за одбрана, и за законот за исплата на плати во високото образование… Барам, ако треба да работиме и 24 часа, за да го завршиме тоа што е важно за граѓаните“,
рече Јован Митревски во првото обраќање.
Опозицијата, пак, со ставови во обратна насока.
„Убаво звучат овие хвалоспеви што ги кажува СДСМ. Реалноста е малку подруга, ние бараме да се завршат овие закони“,
реплицираше Никола Мицевски обвинувајќи дека владејачкото мнозинство не закажува собраниски седници и со тоа сака да избега од избори.
Во неколкуте понатамошни процедурални обраќања и реплики, Митревски му остави бланко-потпис на Џафери порачувајќи дека Собранието и денеска може да се распушти ако се договорат денеска да ги донесат сите важни закони.

На белиот лист хартијата, пак, Мицевски одговори појавувајќи се на говорница со испечатена фотографии од обвинетиот во „Рекет“, Бојан Јовановски-Боки 13, со лица од власта, порачувајќи дека тоа е причината што се бега од избори.
Инаку, координаторот на СДСМ, Митревски, најави и дека пратениците од оваа партија нема да бараат збор на седницата за законот за јавно обвинителство за да не ја одолговлекуваат. Исто така, и министерката за правда Рената Дескоска одби да ја образложи потребата од предлог-законот.
Нејзиното одбивање таа го образложи преку социјалните мрежи.
„Очигледно е дека дел од стратегијата на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу другото, е и триесеттина од нив да се јават за реплики на мојот говор и тоа би значело дополнителни 2,5 до 3 часа со реплики и контрареплики. Затоа одлучивме ниту јас ниту другите пријавени пратеници од СДСМ и коалицијата да не се јавуваме за збор, со што заштедуваме најмалку 8 часа дебата по нашите говори“,
вели Дескоска.