Адвокатот Сашко Дукоски, кој е бранител на првообвинетиот во „Рекет“, Бојан Јовановски – Боки 13, тврди дека неговиот клиент никогаш нема да биде пуштен од притвор ниту од страна на Основниот кривичен суд ниту од Апелацискиот суд во Скопје.
Ваквата негова изјава следи откако здравствената состојба на Боки повторно беше тема на разговор во судницата.

Јовановски вчера бил на конзилијарен преглед на Клиниката за гастро во Скопје. Оттаму, првично бил издаден еден извештај, а потоа било испратено и конзилијарно мислење до судот потпишано од 16 лекари.
Во конзилијарното мислење, како што прочита судијакта Васка Николовска-Масевска, се вели дека Јовановски нема малигнитет откако тој претходно се жалеше дека му е дијагностициран рак на желудникот, туку дека со конзилијарниот преглед се утврдило дека има чир на желудникот и може да го следи судењето, но дека треба редовно да прима терапија.
И Боки и адвокатот реагираа дека се манипулира бидејќи такво нешто не пишува во другиот извештај, по што судијката посочи дека таквото конзилијарно мислење е испратено откако бил готов патолошкиот наод, за разлика од првиот извештај кој бил издаден пред да бидат издадени резултатите.
Сепак, ова беше причина адвокатот Дукоски да излезе со став дека целта е неговиот клиент никогаш да не излезе од притвор.
„Истиот орган од истиот ден дава две различни работи. Вели ‘патохистолошкиот наод не е готов’. Истиот ден, истиот конзилиум вели дека нема малигнитет. Втора работа,, во неговиот живот Јовановски не е прегледан од 16 лекари. Кој стигнал во таа клиника удрил печат. Ова дава навистина друго светло на водењето на целата постапка, а тоа друго светло е обвинетиот Бојан Јовановски да се држи во притвор по секоја цена. И ќе се држи во притвор, немам никаква дилема“,
вели Дуковски.
И Боки да нема рак, вели адвокатот, констатирани му се сериозни заболувања, но тие за никого не значат ништо.
„Што и да кажам ќе биде сфатено како и на рочиштето во судница, дека тоа е некаква идеја за пуштање од притвор. Затоа ви најавувам дека Бојан Јовановски никогаш нема да биде пуштен од притвор ниту од овој суд ниту од Апелацискиот суд и тоа е зацртана идеја и во тој правец ќе се води ова, па кој што сака нека мисли“,
рече револтирано Дуковски по излегување од судот.
Тој и Боки, како и Катица Јанева и нејзините адвокати, утре повторно треба да бидат во судница на ново рочиште. Случајот е во доказна постапка и деновиве се изведуваат материјални докази на обвинителството. Со нив ќе се заврши во понеделник и, според планот, веќе од вторник треба да почнат да се повикуваат сведоците кои ги предлага Боки.
*Повеќе вести од денешното рочиште:
Боки: „Империја“ е обемен предмет, Лиле Стефанова школски го сработила
Боки: Ја отворам Пандорината кутија, пуштете ги снимките да се види мојот однос со Кичеец