Во продолжението на рочиштето за „Рекет“ се слушна подолга аудиоснимка во која Бојан Јовановски Боки 13 и Орце Камчев зборуваат за предметот „Империја“.
„Јас да кажувам дали е конструиран или не е, не можам, не сум обвинител ниту судија. Дека е обемно направен и дека е школски сработен од страна на Лиле Стефанова, тоа можам да ви гарантирам“,
вели Боки во снимката.
Камчев, пак, кој го снимал разговорот, во снимката се слуша како тврди дека нема криминал.
„Јас ти гарантирам дека нема криминал, нејзините докази се за во Радовиш, ама не сакам постапката да трае, сакам да се заврши. Ниту има даночно затајување ниту има државен буџет… Обвинителството е формирано за политичка цел да падне Никола Груевски од власт, а не за Камчев и Панделевски“,
вели Камчев.
Понатаму бизнисменот зборува за новинарските текстови и прилози за „Империја“ кои беа објавени по еден брифинг со група новинари во СЈО, повторно напаѓајќи ја Лиле Стефанова, алудирајќи дека намерно се конструира предметот
Претходно, пак, во судница беше пуштен разговор во кој тема е операција на Катица Јанева, а во него според обвинителството учествуваат Бојан Јовановски-Боки 13, Зоран Милески-Кичеец, Ана и Орце Камчеви.
Така, во разговорот се споменува една приватна болница каде што Јанева, наводно, требало да се оперира, но операцијата да ја прави извесен доктор вработен во „Систина“, болницата на Камчев.
Тука, Ана Камчева прашува зошто да не се направи операцијата во „Систина“ и замолува да не се валка докторот, а Боки одговара дека „ако дознаат медиумите ќе се закачат“.
Во продолжението на разговорот, Камчев предлага и опција докторот од „Систина“ да влезе во операциона сала во другата приватна болница, но никој да не дознае.
Бидејќи не успеал таков план, Боки ја спомнува и опцијата да ја убеди Јанева за операција во „8 Септември“, а потоа ѝ ѕвони на мобилен при што ѝ вели: „Тие би организирале сè за ‘8 Септември’, цела операциона сала би ја префрлиле таму“.
Од другата страна се слуша Јанева како на спикерфон вели: „Нејќам такви работи, не познавам никој таму, другпат ќе зборуваме за тоа“.
Одбраната, пак, приговараше дека снимките не се целосни, Камчев ги прекинувал таму до каде што нему му одговарало, како и дека не е јасно кој зборува, кој е датумот и времето итн.