Бојан Јовановски-Боки 13 му предлагал на Орце Камчев, кој е осомничен во „Империја“, да биде вториот соработник на правдата, бидејќи еден веќе имало.
Ова се слушна во една од снимките што беа пуштени во судница во продолжението на судењето за „Рекет“.
„Да бидеш вториот соработник на правдата откако првиот ќе го направи тоа, тој чека твој амин од нашиот вечерашен состанок“,
вели Боки.
Во снимката не се слушна кој е првиот што наводно требало да биде соработник на правдата.
„За дел од работите ќе бидеш ослободен од сомненија и обвинувања, за една или две работи ќе признаеш“,
вели Јовановски во снимката.
Понатаму, тој објаснува дека е поедноставно таква варијанта која вклучува да се даде и „малку отштета на државата“.
Овој разговор се слушна во дел од подолга аудиоснимка, од која пократок дел веќе претходно се пушти во судница.
Во претходните разговори се слушаше и споменување на судии на претходна постапка.
„Ти ми кажа да пуштам барање во четврток, дека судијката ќе биде отсутна, а ќе биде судијата Седат Реџепагиќ. Ова е заеднички интерес. Вие си имате еден интерес, јас си имам друг интерес. Заедничкиот интерес нè спојува двете страни. Да си завршиме“,
вели Камчев во еден од разговорите зборувајќи за барања во рамки на предметот „Империја“.
Инаку, судијката на која се алудира дека ќе биде отсутна е веројатно Весна Димишкова, бидејќи таа е судијка на претходна постапка во „Империја“.