Самитот е еден од клучните настани во регионот во организација на лондонски „Економист“ како светски бренд, што оваа година има за цел да ја истакне потребата од структурни реформи и заемна соработка за интегрирање на земјите од Западен Балкан во ЕУ, што е во интерес на Европа како целина и справувањето со глобалните предизвици
Вториот Самит за Западен Балкан „Промовирање на инклузивноста и солидарноста на Европа“ денеска се одржува во Скопје во организација на „Економист“, на кој ќе се дискутира за тоа како да се зајакне стабилноста и соработката во регионот, како да се забрза пристапувањето на Западен Балкан во ЕУ, како и тоа кои се приоритетите на Северна Македонија и на регионот во постковид-период.
На отворањето на Самитот, според најавата на организаторите, ќе се обрати премиерот Зоран Заев, а свои обраќања најавено е дека ќе имаат и вицепремиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ, косовскиот премиер Албин Курти и вицепремиерот на Албанија Арбен Ахметај.
По отворањето на Самитот, вицепремиерот Никола Димитров ќе биде говорник на панелот „Визија за Европската Унија и Западниот Балкан – Проширувањето на ЕУ на Западен Балкан: зошто е тоа критично за иднината на Европа?“, каде што ќе говорат и поранешниот грчки премиер Јоргос Папандреу – актуелен претседател на Социјалистичката интернационала, поранешниот германски вицеканцелар и МНР Јошка Фишер и евроамбасадорот Дејвид Гир.
На панелот „Југоисточна Европа: Зајакнување на мирот и соработката во кревка глобална средина“ најавено е дека ќе говорат шефот на дипломатијата Бујар Османи и американската амбасадорка во земјава Кејт Мери Брнз.
Според најавата, свој осврт на темата „Приоритетите на САД за Западен Балкан“ ќе даде заменик-помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Габриел Ескобар.

Во економскиот дел од Самитот на одделни панел сесии ќе говорат министерот за финансии Фатмир Бесими, гувернерката на Народната банка на Северна Македонија, Анита Ангеловска-Бежовска, министерот за економија Крешник Бектеши, како и економски експерти.
Самитот е еден од клучните настани во регионот во организација на лондонски „Економист“ како светски бренд, што оваа година има за цел да ја истакне потребата од структурни реформи и заемна соработка за интегрирање на земјите од Западен Балкан во ЕУ што е во интерес на Европа како целина и справувањето со глобалните предизвици.