Поранешната специјална обвинителка Катица Јанева и нејзините адвокати, Дељо Кадиев и Ирена Фркоска, сметаат дека „Рекет“ е конструиран случај за да послужи како одбрана во предметот „Империја“ каде обвинет е Орце Камчев
Со слушање на две аудиоснимки од УСБ што го предал Зоран Милески Кичеец заврши денешното рочиште за „Рекет“.
На УСБ-меморијата има пет снимки, од кои обвинителството како докази предлага три.
Русковска бара третата да се слуша без присуство на новинарите бидејќи е приватна.
Но, одбраната бара да се слушнат сите пет и да бидат присутни новинарите.
Јанева, на крајот на рочиштето, уште еднаш го побара тоа.
„Од снимките се виде дека никој не разговарал за рекет кога Орце Камчев бил во притвор, а во делот кога нуделе поткуп, токму тие разговори не сакате да ги изведете. Од таму почнува приказната за мојата одбрана и мислам дека ми е нарушено правото што не се дозволува да се изведат“,
рече Јанева.
Судијката Васка Николовска-Масевска, пак, повторно посочи дека нејзините адвокати можат да ги предложат во своите докази.
Со изведување на доказите на обвинителството треба да се заврши на утрешното и на рочиштето в понеделник. Утре ќе се знае дали јавноста ќе може да ја слушне трета снимка за која се бара да се пушти зад затворени врати.
Од вторник, пак, според планот, ќе се почне со изведување на доказите на одбраната, па за тогаш е најавено дека треба да се сослушаат сведоци што ги предлага Бојан Јовановски-Боки 13.
По крајот на денешното рочиште, адвокатите во „Рекет“ во изјава за медиумите, исто како и во судницата, ги оценија снимките како нејасни, дека не докажуваат ништо и не може да бидат доказ.
„Ставот на Јанева, а и на целата нејзина одбрана е дека овој предмет е конструиран да послужи како одбрана за случајот ‘Империја’ и се труди да се прикаже дека бил баран рекет, а всушност како што ќе имате можност да видите, станува збор за поткуп”,
изјави Дељо Кадиев, адвокат на поранешната специјална обвинителка.
Тој смета дека снимките немаат никаква автентичност, не може да бидат дадени како докази.
„Очигледно беше дека се работеше за снимки на повеќе разговори кои беа една на друга наснимани, така што под големо сомнение е во какви услови се снимани, под кои услови се тие дадени, нема уште вештачење“, вечи Кадиев.
„Снимките немаат врска со предметот“, оцени во изјава и адвокатот на Јовановски, Сашко Дуковски.
„Дали слушнавте кој со кого разговара, за што разговара, дали слушнавте кој датум е, дали со последните два фајлови слушнавте нешто особено последниот од скоро еден час кој е бизнис разговри за отворање трговски центри? На тоа ќе се заснова обвинението?“
вели Дуковски.
Тој рече дека првпат се среќава со ситуација кога без согласност на одбраната не се дозволува да се изведат снимки кои се веќе предложени од обвинителството и ѝ се предлага на одбраната да ги предложи како свои докази.
Инаку, последните две снимки што денеска се слушнаа од УСБ-меморијата на Кичеец беа тешко разбирливи во делот каде што седеа новинарите.
Претходно, пак, на рочиштето се слушаа аудио материјали снимени од осомничениот во „Империја“, Орце Камчев.
*Поврзани весни:
Боки: „Империја“ е обемен предмет, Лиле Стефанова школски го сработила
Боки: Ја отворам Пандорината кутија, пуштете ги снимките да се види мојот однос со Кичеец