Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која учествува на министерскиот состанок за одбрана на земјите сојузнички на НАТО, денеска во Брисел порача дека на денешната средба ќе покажеме дека не сме веќе тема на масата, туку членка.
„За последен пат учествувам како поканета членка, а не како полноправна членка, денес е денот кога во Република Северна Македонија се објави официјално Законот за ратификација на Северноатлантскиот договор и ја добивме веста дека шпанскиот парламент ја прифати брзата лента за ратификација на нашиот протокол, нашето полноправно членство е прашање на денови, а не месеци или недели“,
рече Шекеринска.
Северна Македонија, рече таа, ќе учествува во дискусиите за иднината на присуството на НАТО во Ирак и Авганистан и е подготвена да го зголеми своето присуство во регионот.
„Уште во 2018 најавивме дека сме подготвени да го зголемиме учеството во Авганистан и бевме во преговори за техничките единици, а разговаравме за испраќање офицери во Ирак како дел од тренинг-мисијата. Клучно е да се види кои се плановите на НАТО, а ние како земја што придонела многу ја оставаме можноста да го зголемиме учеството во овој важен регион“,
рече Шекеринска одговарајќи на новинарско прашање.
Шекеринска ќе има повеќе билатерални средби, меѓу нив и со британскиот колега со кого ќе потпише билатерална одбранбена соработка.
„Нашата одбранбена соработка ќе биде како со две земји сојузнички, навистина долг беше нашиот пат кон НАТО, и сега влегуваме со сигурен чекор“, рече министерката за одбрана Шекеринска.