Досегашната постапка за издавање пасоши просечно траеше од четири до пет месеци, а анализата на Министерството за надворешни работи покажа дека во некои случаи постапката се одолговлекувала и над шест месеци
Министерот за надворешни работи Бујар Османи ја искористи работната посета на Берлин за да ја врачи првата издадена патна исправа изработена врз основа на податоци добиени со новиот современ систем поставен во повеќето амбасади на Северна Македонија, соопштија од МНР.
„Нема веќе долги рокови, непотребни трошоци и непријатности. Отсега и информациите за патните исправи ќе се добиваат директно во амбасадите, од каде што во пристоен рок и ќе се земаат готовите пасоши. Нашата цел е да бидеме сервис на дијаспората, да овозможиме ефикасен и економичен одговор на нивните потреби. Задоволна дијаспора значи и поголема поврзаност на нашите граѓани со својата земја, но и поттик за нивно враќање дома“,
истакна Османи.
Досегашната постапка за издавање пасоши просечно траеше од четири до пет месеци, а анализата на Министерството за надворешни работи покажа дека во некои случаи постапката се одолговлекувала и над шест месеци.
„Покрај времето, тоа претпоставуваше и големи трошоци, како за самите граѓани така и за Министерството. Со поставувањето на базните станици претставниците на нашата дијаспора се стекнуваат со голем бенефити и од аспект на времето потребно за овие активности, финансиските трошоци поврзани со тоа, а истовремено ќе добијат готов производ, пасош за временски рок од две до три недели“,
велат од МНР.
Шефот на македонската дипломатија денеска од Берлин ја почна турнејата во неколку земји на ЕУ. Во Берлин, Османи ќе има средби со германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас и со државниот министер надлежен за Европа, Михаел Рот. Потоа тој ќе отпатува во Полска, каде што ќе биде еден од учесниците на „Безбедносниот форум во Варшава“, а ќе се сретне и со неговиот полски колега Збигњев Рау, но и со финскиот шеф на дипломатијата Пека Хависто. Турнејата ќе ја заокружи со учество на Самитот ЕУ-Западен Балкан што ќе се одржи во Брдо кај Крањ, Словенија.