Државниот завод за статистика во следните неколку дена треба да ги направи последните проверки и сумирање на податоците, како и технички активности на раздолжување на попишувачите
За вечерва е закажана прес-конференција на директорот и на заменик-директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски и Илми Селами
Апликациите за попишување во земјата и за самопопишување на дијаспората се затворени вечерва во 20 часот, со што завршија пописните активности во рамки на Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021.
Најголемата статистичка операција по 20 години во земјава траеше 26 дена, од 5 септември до денеска.
Државниот завод за статистика во следните неколку дена треба да ги направи последните проверки и сумирање на податоците, како и технички активности на раздолжување на попишувачите.
За вечерва е закажана прес-конференција на директорот и на заменик-директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски и Илми Селами.
Директорот на ДЗС, Апостол Симовски, вчера изрази уверување дека пописот ќе заврши во законскиот рок и потврди дека досега немаат побарано продолжување.
„Нас ни е битно да бидат опфатени сите објекти за домување. Ние имаме своја технологија по која го следиме процесот и ќе знаеме дали и кога точно ќе го завршиме процесот. Согласно сегашните процеси, очекуваме и уверени сме дека ќе завршиме во законскиот рок“,
изјави Симовски.
Официјалните резултати од пописот ДЗС треба да ги објави најдоцна за шест месеци, односно до крајот на март 2022 година.
Пописот 2021 се спроведе под строги здравствени протоколи и во услови на пандемија на ковид-19, соглано нова методологија на Евростат и за првпат со комбиниран модел – освен прибирање на податоци директно од населението на терен, се користеа и податоци од таканаречената Претпописна база, каде со внесувањето на матичниот број на граѓанинот во пописната апликација, автоматски се повлекуваа сите податоци што за тоа лице постојат во базите во државата.