Во Основниот кривичен суд во Скопје утрово почна ново рочиште за случајот „Рекет“ откако вчера првообвинетиот Бојан Јовановски-Боки 13 не беше спроведен поради неговата здравствена состојба.
Судијката Васка Николовска-Масевска најави дека ќе бара конзилијарен преглед, но таков според Јовановски и неговиот адвокат Сашко Дуковски не се случил.
Здравствената состојба на Боки беше причина и денеска во судница да настане дискусија на висок тон помеѓу адвокатот и судијката која на крај одлучи да повика Брза помош за да го прегледа обвинетиот.

„Вчера беше однесен на Клиниката за гастро, не беше формиран ниту еден конзилиум, обвинетиот не беше прегледан од никого и по негово кажување лекарот констатирал дека нема какви било услови да се изврши конзилијарен преглед, пред сè поради недостиг на медицинска документација и дека таков преглед се врши од повеќе лекари, а бил присутен само дежурниот. Должен сум да го известам судот дека Јовановски не е во состојба да го следи овој судски процес, не може да зборува, единствено нешто што ме извести е дека трпи ужасни болки во абдоменот и дека пред доаѓањето на ова рочиште му се дадени огромен број седативи за спречување болки. Затоа го молам овој суд да се изврши конзилијарен преглед“,
рече Дуковски.
Судијката, пак, рече дека нема да го одложи денешното рочиште бидејќи не добила известување дека Јовановски не е способен да го следи судењето, како што беше случај вчера.
Во расправата се вклучи и Јовановски, кој се пожали на болки, а на крај судијката рече дека ќе повика Брза помош за да види дали обвинетиот може да го следи рочиштето.